Радио Милева ништо лично

Пулените на Цеца пробаа да ја „исперат“: Мики Секуловски и Никола Станишиќ во одбрана на неодбранливото

Пулените на Цеца пробаа да ја „исперат“: Мики Секуловски и Никола Станишиќ во одбрана на неодбранливото

По скандалот на концертот на Светлана Цеца ражнатовиќ во Велес, каде српската турбо- фолк пејачка ја навреди целата македонска нација и Македонија со  мафтање со бугарското знаме на сцената, осудите на социјалните мрежи и во медиумите не стивнуваат.

Јавноста револтирана од нејзината (не)намерна грешка, потег кој доби не само политички импликации, туку и длабоко ја повреди гордоста и достоинството на народот во Македонија, особено што такво нешто ниту во сон никој не очекуваше од „српската мајка“ како што ја нарекуваа во Србија.

Ама Цеца излезе за некого мајка, за некого маќеа, зашто колку и случајно тоа да и се случило, колку и да не видела во прв момент што и тутнале в раце, морала потоа веднаш да реагира и да го врати бугарското знаме на оној што и го врачил, зашто многу добро знаела каде таа вечер пее… Во која држава и пред кој народ! Па ако некој веќе и пробал набрзина „да и го смести“, пејачката од Житораѓа, веднаш морала и молневито да возврати. Вака, обидите да се „испере“ од калта во која и самата беспотребно се извалка до гуша се беспредметни. Секое понатамошно „вадење“ и обид јавноста во спротивното да се убедува е само обично „лигавење“ во кое никој повеќе не верува!

Но, не само српската пејачка туку и нејзините македонски пулени се обидоа да ја „извадат“ Цеца од кашата која самата си зготви. Мики Секуловски кој беше со неа на бината, како нејзин постојан придружник на нејзините концерти по неговото учество во “Ѕвездите на Гранд“ уште во истиот момент кога видел дека неговата менторка ја „упрска работата“, се обидувал мафтајќи со рацете да ја смири публиката,, да го ублажи нејзиниот револт, запре свирежите, стивне негодувањата… Арно ама – попусто. Наместо „миротворец“ излезе дека е еден вид соучесник.

И вториот пулен на менторката Цеца, годинешниот победник во „Ѕвездите на Гранд“, скопјанецот Никола Станишиќ не остана нем на случката. Но спротивно од мноштвото негативни коментари и на познатите македонски личности и на обичните граѓани, тој тргна да ја брани „српската мајка“, мешајќи ги и политиката и „лончињата“ со бугарските пасоши ко ги имаат мноштво Македонци.

И од негов агол гледано, можеби разбирливо… Заради неговото српско потекло и српскиот пасош кој го доби неодамна, заради блискоста со својата Гранд менторка, заради размислувањата да се пресели во Белград и таму да ја продолжи кариерата… Арно ама, има едно  – ама!

Бранењето на неодбранливото на конто на својата родна земја и својот народ заради сопствени интереси е еднакво на предавство. Зашто мафтањето со она што најмногу те иритира и боли пред очи, е исто како на пример своевремено на концерт на нашата најголема ѕвезда Тоше во Белград, тој среде сцената да се наметнеше со албанско знаме? И тоа пред дваесеттина години кога косовските рани кои за Србија и Србите и денес не се зараснати, тогаш беа ептен свежи?  Што мислите како ли ќе реагираа публиката, јавноста, неговите српски колеги, српските медиуми?

Освен тоа, македонските пулени на Цеца колку и да ја почитуваат и сакаат својата менторка, Мики и Никола едно никогаш не смеат да заборават: Татковината и својот народ за некого биле и се многу посвети и од животот, а камо ли од кариерата!

Зашто кога го менуваа насила името, не седеа баш сите со скрстени раце, како што Никола се обидува да прикаже. Некои и денес се неправедно осудени и се’ уште се на робија за да не биде Македонија Северна. А бугарските пасоши луѓето ги земаа не зарди љубов кон источниот сосед или чувство на бугарска припадност, туку од мака, за да можат да заминат полесно на работа низ Европа, за да ги прехранат гладните семејства. Така што мешањето баби и жаби е несоодветно, па ако не се разбираш во политика, дете подобро е да останеш на музика.

Точно, да не беше Цеца,  ниту Мики ниту Никола немаше да бидат она што се сега. Ама да не беше Македонија, која ќе го прифати неговото семејство кое бегало од пеколот на војната на Косово, Никола Станишиќ немаше денес ни да постои!

Затоа „перењето“  на она што не го пере ни хемиско, е далеку од искрено и вистинско… Напротив, само можеш и ти во калта да заглибиш, од која потоа не те „пере“ ништо живо, што и да направиш.

Фото: Инстаграм/mikisekulovski/nikolastanisik

To top