16-ти октомври, ден, денешен пред 18 години… Дотогаш, веројатно најкобното утро не само за македонската естрада, музика, култура, туку и за цела Македонија… Вистината за жал, погубна… за сите нас. Најмногу за него, неговото семејство, најблиските, другарите, пријателите, соработниците, за армијата негови верни обожаватели… Судбината сакаше да ни го земе, да останеме без нашата најблескава естрадна и не само естрадна ѕвезда, без нашата музичка икона, без најголемиот идол на нацијата, без нашиот ангел… без Тоше!

Шокот и болката неизмерни, неописиви, неподносливи, тагата длабока како бездна без дно, раната смртоносна, исто како судбината која посегна тоа кобно утро по легендата за да го однесе во вечноста, во алејата на сеќавања на најголемите уметници, но и најголемите и најхумани луѓе.
Тоше… Како него се раѓа еден во 100 години на цел свет, еден во историјата на постоење на една нација со векови… Но, како и на се’ што било најголемо, најзначајно и најсвето за ова парче македонска земја, од Александар Македонски, преку цар Самоил, Гоце Делчев, Ченто, Рацин, претседателот Трајковски… така проклетството на судбината сакаше да го земе во своите прегратки пребргу, прерано, премлад и него… нашиот Тоше.

Останаа непреболот, тагата, молкот на тишината, празнината што ни ја остави со неговото заминување. Останаа и сеќавањата, спомените, чувствата, емоциите, тажните мисли… И денот на одбележување на неговото прерано, трагично заминување во вечноста, остана неговиот милозвучен глас и неговите песни.

16 ноември 2025-та… 18 години без Тоше. Оттогаш се роди, израсна и стана полнолетна една цела нова генерација. Македонија се сеќава на својата најблескава ѕвезда, на својот ангел… Социјалните мрежи и медиумите преполни со тажни спомени и чувство на гордост што го имавме и грижа на совест што можеби не знаевме да го сочуваме.

Но против судбината никој не може. Така било пишано… Од Бога, кој како по непишано правило своите најдобри чеда, за жал прерано ги прибира при себе… За да ги поштеди од овоземскиот пекол можеби, зашто тие сепак се избрани и предодредени за рајот.

На Тоше денес се сеќаваат сите. И оние кои ја слушале неговата музика, растеле со неговите песни, се радувале и плачеле на нивните стихови, пееле на неговите концерти… И колегите, и оние кои тогаш биле деца кои се осознавале и формирале со него и неговиот музички подем, а денес се на истата таа сцена, со која тој така суверено владееше…

И оние кои тогаш беа исто така познати и ја презентираа Македонија во некои други нешта, како спортот на пример, кој Тоше исто така го практикуваше, онака од љубов, за себе, од задоволство, рекреативно, за сопствено опуштање, за здравје, за своја душа…

А на Македонија и ја испеја и остави најубавата спортска химна – „Македонија навива за вас“!

Прерано „паднатиот ангел“ недостасува, ни фали… На сите нас… Особено на оние, кои беа со него блиски или најблиски. Луѓе од светот на фелата, на музиката… Некои од нив за трагедијата да биде уште поголема, за жал ја доживејаа неговата судбина, прерано да заминат. Како Андреј, Панчо… екипата од ДНК.

…И оние кои му беа како „браќа и сестри“, иако ги запозна во текот на својот музички подем. Но искраната љубов и почитување, позитивната енергија и чистата мисла толку ги зближи, што се чувствуваа како да се знаат отсекогаш… Затоа и не го заборавија и години подоцна откако замина, затоа и ќе го паметат засекогаш…

На тажниот ден се еќаваат и колегите новинари, оние кои во своите медиуми со црни букви го запишаа тој кобен 16 ноември… Подоцна, секоја година ги рефрешираа(т) спомените на нашата најголема и најблескава музичка ѕвезда.

Една од нив, Соња Алексоска Неделковска ја напиша и единствената книга за него во Македонија. „Ова не е крај“ – еден вид автобиографски сеќавања на Тоше и неговиот живот, кариера, растежот и падот, прераното заминување на идолот на генерациите…

Својот ангел не го заборавија ниту фановите, неговата најверна публика која во чекор го следеше и беше се побројна и поблизу до него со секоја нова песна, нов албум, на секој негов концерт. А, Тоше им се одолжуваше со својот глас, харизма, непосредност и блискост, како да ги знае сите лично, по име и презиме. Затоа и денес во нивните глави одекнува она неговото:

„Ве сакам… Сите ве сакам“… И навистина ги сакаше, а го сакаа и тие него. И тогаш и сега, секогаш… и засекогаш. Како да е уште тука! Како во песната, онаа неговата, постхумна: „Се’ уште сонувам дека сме заедно“! Иако него физичко го нема – заедно сме! И со него заедно ќе бидеме засекогаш!

Сеќавањата навираат, не запираат кај целата нација… Списокот е долг, бесконечен… Колку што е голема и бесконечна љубовта кон него, гордоста што го имавме и болката што го загубивме… Нашиот ангел, нашиот Тоше!

Остана скриен во нашите мисли, длабоко вгнезден во нашите срца… Неговиот лик во нашите сеќавања, неговите песни од неговото златно грло за сечија душа, ноти и стихови кои вечно ќе ги допираат и будат нашите емоции! Те сакаме… Сите те сакаме Тоше… Засекогаш!
Фото: Архива/Социјални мрежи/Инстаграм/toseproeski_







