Денеска се навршуваат 12 години од смртта на Душан Љубисављевиќ – Дуле кој е роден на 29 мај 1974 година во Штип. Името на музичарот кој ја обележаа македонската музичка сцена во текот на 90-тите и 2000-тите години, пред сè познат како дел од легендарното дуо „Дуле и Коки“, ќе остане вечно впишано во македонската музичка историја.
Музичката кариера ја започнува скромно, заедно со својот другар Никола Јанков – Коки, настапувајќи по штипските кафулиња. Уште како тинејџери го почувствувале пулсот на публиката, а по завршувањето на средното образование, Дуле се сели во Скопје со желба за поголема афирмација.

Големиот пробив на музичката сцена се случува во во 1996 година, кога со песната „Виолина и гитара“ победуваат на реномираниот фестивал „Макфест“. Композицијата, чија музика и текст ги потпишува Александар Митевски, а аранжманот Валентино Скендеровски, станува еден од најголемите евергрини во македонската музика.
Во текот на својата кариера, „Дуле и Коки“ создадоа над 50 композиции, меѓу кои и незаборавните „Мене место не ме фаќа“, „Марама“, „Дај ми шанса“, „Јас сум за тебе“ и други. Песни со кои пораснаа генерации, и кои сè уште се дел од секојдневието – на радијата, семејните прослави, или во моменти на тишина и носталгија.
Во последните месеци од својот живот, Дуле активно работеше на нови песни, кои требаше да бидат дел од нов албум на „Дуле и Коки“. Паралелно, беше посветен на сопствениот ресторан „Доменика“, каде што наоѓаше мир и инспирација.
Душан Љубисављевиќ – Дуле ненадејно почина на 23 септември 2013 година во Скопје, оставајќи зад себе неизмерна празнина, но и богато музичко наследство.

Дуле останува запаметен како скромен човек со големо срце, неповторлив глас и искрена љубов кон музиката. Неговата музика и понатаму живее – како мост меѓу минатото и сегашноста, како сеќавање на едно златно време од македонската естрада.
Три ипол години по смртта на пејачот Душан Љубисављевиќ – Дуле, неговата сопруга Љупка првпат јавно проговори во јавноста за губењето на својот сакан. Љупка беше гостинка во утринската емисија „Ја сакам Македонија“ на Сител Телевизија.

Љупка вели дека Дуле починал од болест, а не како што се пишувало по медиумите, од “различни измислени работи“.
– Дуле беше болен од канцер на дебелото црево, јас дознав многу доцна за тоа, од наш заеднички пријател, музичар во групата „Синтезис“, му се доверил нему. Дуле не сакал да ми каже за да не ме растажи – рече Љупка.

Сопругата на Дуле вели дека долго време живеела во депресија, не излегувала од дома и не сакал да разговара со никого.
Фото: Архива/Фејсбук/Ljupka Naskova Ljubisavljevikj







