На 7 март 2024 година на 78 години почина доајенот на македонската музика, Атина Апостолова. Веста за нејзината смрт ја објави пејачката Вики Среброва, која долги години беше нејзина најдобра пријателка.
Таа денес за порталот ММС го изјави следното:
“Замина мојата Тинче. Ја барав денес неколку пати денес, но не ми се јави. Три часа ја барав. Ми стана сомнително и заминав кај неа дома. Кога отидов беше затворено, а живее на приземје. Повторно и ѕвонев и не ми се јави, па се јавив кај сестра и, која ме посоветува да одам од задната страна. Кога отидов погледнав низ прозор телевизорот работеше, а се наместо и стоеше. Се јавив на сестра и заминав дома. Подоцна сестра и ми се јави и ми кажа дека брат и морал да го скрши прозорот за да влезат и кога влегле ја нашле почината“, раскажува низ солзи Вики Среброва
Атина Апостолова е родена на 20 мај 1946 година во Скопје, дипломирала на Економскиот факултет во Скопје. Позната е по песните “Запејте мераклии” , “Цела вечер ќе ти пејам” , “Верувај ми”, “Усни румени”, “Те видов и се заљубив“, “Иле Илија“… и многу други. Таа имала турнеји во Австралија, Канада. Во Австралија има настапувано со Круме Спасовски, Никола Бадев и Александар Сариевски. Имала одлична соработка и со: Ванчо Тарабунов, Ефто Пупиновски и Милан Завков. Во својата долгогодишна кариера има испеано неколку дуети со: Ванчо Тарабунов (Верувај ми) и Ефто Пупиновски (Скопските боеми). Во 2023 година на Фестивалот “Тумба Фест” Куманово ја добива наградата за животно дело.