Почина Оливера Николова , македонска писателка за возрасни и за деца и една од најчитаните македонски писателки која остави траен белег во македонската литература.
Оливера Николова, која многумина ја нарекуваат „мајка на сите македонски писателки“, со право може да се смета за книжевен бард чии дела сe и ќе бидат сметани и во иднина за врв на македонската современа книжевност.
Оливера Николова е родена на 11 март 1936 година во Скопје.
Дипломира на Филозофски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а целиот работен век го помина во Македонската радио-телевизија, работејќи како уредник и драматург.
Таа e член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година.
Оливера Николова е автор на неколку телевизиски игри:
„Зоки Поки“ (тв-куклена серија); „Среќен пат, Зоки!“ (тв-куклена серија, со Глигор Поповски и Видое Подгорец); „Девојките на Марко“ (тв-серија во шест епизоди).
Исто така, таа е автор и на неколку радио-игри: „Земја во која не се стигнува“, „Игра за мама“, „Од палец до сон“, „Како расте татковината“, „Големото зошто“ итн.
И покрај богатиот книжевен опус, Оливера Николова е најпозната како автор на првиот градски лик во македонската книжевност – Зоки Пок, а за своето творештво, Николова добила бројни награди.
Така, за „Земја во која никогаш не се стигнува“ во 1966 година ја добила наградата на РТВ Скопје и СВП. Во 1975 година повторно ја добила истата награда, овојпат за делото „Пријателите Бон и Бона“. Во 1977 година по третпат ја добила таа награда, за делото „Мојот звук“, кое се закитило и со наградата „Младо покољење“ за 1978 година.
Исто така, таа е добитник на „Змаевата награда“ за 1983 година за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца.
Во октомври 2012 година, за романот „Куќичка“, таа била номинирана како македонски претставник за наградата „Балканика“.
Во декември 2013 година, Оливера Николова го одбележала јубилејот 50 години од литературното творештво, исто колку и познатиот лик од нејзините раскази за деца, Зоки Поки.
По тој повод, издавачката куќа „Детска радост“ објавила избор од творештвото на Николова во три тома, насловени како: „Ти чука ли срцето за мене?“, „Ми чука ли срцето за тебе?“ и „Ни чукаат ли срцата за нас?“.
За своето книжевно дело, Николова ги освоила наградите „Стале Попов“, „Рациново признание“, два пати „Роман на годината“, „Рациновото признание“ и наградата „ПрозАРТ 2022“ на фестивалот „Про-за Балканот“ за авторски придонес за развојот на книжевноста на Балканот. Во февруари 2016 година, за романот „Кадифената покривка“ (издание на „Матица македонска), Николова ја добила наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2015 година.
Истовремено, романот „Куќичка“ бил објавен на српски јазик, во издание на „Арка“ од Смедерево.
Добитничка е на Орден за заслуги за Македонија во 2024 година.
Фото: Сашо Димоски
printscreen/visitmacedonia.eu