Промотер

Членовите на „Меморија со солзи во очите и минут молчење го промовираа видеото за баладата посветена на прерано починатата сопруга на Поце – „За тебе“ (ВИДЕО)

Членовите на „Меморија со солзи во очите и минут молчење го промовираа видеото за баладата посветена на прерано починатата сопруга на Поце – „За тебе“ (ВИДЕО)

Членовите на култната македонска поп-рок група „Меморија“   вчера, четврток, 04-ти јуни 2024  во просториите на Универзитетот „Скопје“ промовираа три видеозаписи, меѓу кои и премиерно новиот видеоспот за песната „За тебе“  и ја одржаа првата PRESS конференција по повод големиот солистички концерт закажан за средината на ноември 2024 година во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје .

„За тебе“ е препознатлива гитарска рок балада, која и стилски и по својот саунд во многу што наликува на досегашните песни на групата, па за очекување е дека на неа во пакет со „Оган под ѕвездите“ или „Зошто Боже“ на концертите одново ќе се палат запалки, светат сијаличките од мобилните телефони и пее во еден глас под „ѕвезденото небо“ создадено од публиката, како што е и содржано во дел од кадрите на песната, снимени на неодамнешниот концерт на „Меморија“ во отоворениот амфитеатар во „Домот на млади“ во Штип.

„За тебе“ е песна чии стихови допираат сечија душа, но во една ќе останат да светат како кандилце кое никогаш нема да угасне… довека! Песната која за жал и стана посветена на Вики, прерано починатата сопруга на пејачот на бендот Поце Икономов, во чија чест лидерот Петар Георгиевски побара од присутните на промоцијата да и оддадат почит со едноминутно молчење.

Видеото пак изобилува со симболика, полно со слики и фрагменти кои будат спомени и асоцијации на една голема љубов со трагичен крај… Токму затоа и растреперениот глас во говорот и солзи во очите на Георгиевски, но и кај дел од останатите… И од бендот, новинари, колеги музичари, пријатели, гости, домаќини…

Инаку, комплетен автор на песната е токму  Петар Георгиевски – Камиказа (музика, текст и аранжман), а истата е снимена во студиото „Тра – Ла – Ла“ на Мите Димовски, а продуценти се Мите Димовски и Давор Јордановски, додека видеозаписот го потпишува Кузман Клековски.

Како изгледа видеозаписот на темата „За тебе“ која и претходно беше пуштена, но само како аудио во радиоетерот и на Јутјуб каналот, проследете во продолжение:

To top