Македонската опера и балет синоќа беше домаќин на 27. издание на еден од најпрепознатливите фестивали на новосоздадена македонска фолк музика – „Роса Фест“, кој и оваа година ја оправда својата долгогодишна традиција и уште еднаш потврди дека македонската песна има свои верни создавачи, изведувачи и публика.

На фестивалската сцена беа претставени 17 нови композиции, а публиката имаше можност да ужива во настапите на дел од најпознатите имиња од домашната музичка сцена. Низ вечерта, исполнета со многу емоции, аплаузи и нови музички приказни, присутната публика имаше можност и привилегија да ги погледне и да ужива во настапите на Стојне Николова, Анета Љумаковска и нејзиниот „Анета Бенд“, Здраве Мјузик, Бобан Цаневски, Борче Наумовски – Министерот, Дрим Тим, Кате и група Соната, Браќата Нуне, Орце Стефкоски, Боби Спасенцовски, како и уште многу други изведувачи кои дадоа свој придонес за уште едно успешно фестивалско издание.
Низ целата вечер публиката ја водеше препознатливата телевизиска водителка Ирена Спировска, која и годинава беше домаќин на фестивалската програма.

Особено емотивен момент беа доделувањата на признанијата за животно дело, кои годинава им припаднаа на маестро Горан Алачки, на еден од најпочитуваните македонски фолк пејачи Благоја Грујовски, како и постхумно на незаборавниот Зоран Џорлев. Наградата во негово име ја прими неговиот син, што предизвика силни емоции кај присутните во салата и беше поздравено со долг и искрен аплауз.
Со новите 17 композиции, „Роса Фест“ и годинава испрати јасна порака дека македонската фолк музика продолжува да се создава, развива и живее. Дел од песните сигурно ќе го најдат својот пат до радиостаниците, телевизиските програми и музичките плејлисти, а нивните рефрени и видеоспотови ќе станат препознатлив дел од секојдневието на љубителите на домашната музика.

И по 27 години постоење, „Роса Фест“ останува еден од ретките фестивали кој доследно ја негува македонската авторска фолк песна, создавајќи нови музички вредности и оставајќи простор за песните да продолжат да живеат и долго по завршувањето на фестивалската вечер.
Извор:24музика






