Легендарниот македонски евергрин „Ѕма Ѕма Ѕм“ доби своја комплетно нова, освежена и исклучително интересна верзија, благодарение на познатото музичко дуо Дац и Александар.
Оваа вонвременска композиција, која за првпат беше изведена на Скопскиот фестивал во далечната 1978 година од страна на култната група „Македонија“, по цели 48 години повторно се враќа во македонскиот етер со софистициран кабаре-призвук.

Новиот аранжман и модерната музичка продукција на оваа обработка се потпишани од страна на Дарко Димитров, а проектот е реализиран по заедничка идеја со неговиот татко, легендарниот композитор Славе Димитров, кој е автор на оригиналната музика на песната. Целиот проект е создаден во чест на големиот јубилеј – 80-тиот роденден на Славе Димитров. Текстот за песната го напиша незаборавниот Иван Карадак, а во новата верзија со своите извонредни придружни вокали дополнителен сјај и магија на звукот му даваат Маја Гроздановска Панчева и Билјана Ѓошева.
Покрај новата аудио слика, песната доби и визуелно уметничко дело.

Видеозаписот е замислен како бајковита, филмска кабаре-приказна каде реалните сцени снимени со Дац, Александар и самиот Славе Димитров совршено се претопуваат во надреални амбиенти креирани со помош на најнова технологија и АИ-алатки за вештачка интелигенција.
Публиката ќе има можност во живо да ја слушне оваа изведба на 28 ноември, кога Дац, Александар и придружните вокали ќе настапат како специјални гости на големиот јубилеен концерт на Славе Димитров во Македонската филхармонија.
фото:You tube printscreen/






