Џина Папас Џокси откако неодамна подготви ново звучно препакувано издание на песната „Љубовта е“, која првпат ја отпеа на фестивалот „Макфест“ во 2016 година, таа сега доби свежа енергија, поинаква музичка атмосфера и сосема ново руво.

За новото музичко руво се погрижија како вокално трио самиот Џокси, кој за оваа прилика ги повика своите страи другари и колеги Мики Јовановски Џафер и Дарио Панковски, во соработка со продуцентот Валентино Скендеровски („Ентерпрајз продукција“) и Томче Бојаџиески („ТФТ продукција“), додека текстот со надополнети две строфи кои на макфестовската верзија заради наводно преголемата должина тогаш беа „исечени“, е на Огнен Неделковски. Станува збор за креативна соработка што на добро познатата песна ѝ отвора ново поглавје и ѝ дава можност повторно да допре до публиката, овојпат во поинакво звучно издание.

На сето ова вчера, понеделник 23-ти ноември 2026, Џокси го промовираше и видеоспотот за новата верзија на песната кој во меѓувреме беше снимен и ја чекаше својата реализација.

„Можеби ја паметите „Љубовта е“ од Макфест 2018. Приказната за неа почна многу порано, кога му ја отпеав на Мики Јовановски Џафер кај нас дома и му предложив заедно да ја пријавиме на нашиот избор за Евровизија. Таа идеја тогаш остана нереализирана. Денес, по повеќе од две децении, ми е особено драго што песната ја пеам со Мики и Дарио. Кога ја пишував музиката за „Љубовта е“, појдов од тоа како Огнен Неделковски ги реди сликите во текстот. Истите два збора, „Љубовта е“, нè враќаат на почетокот, а секојпат по нив доаѓа нешто неочекувано.

Од „добитен тикет“ до „слатка лага“, па сè до „земја наша“. Сакав мелодијата да ги поврзе тие слики, а на зборовите да им остави простор да го сменат расположението. Така, истото „Љубовта е“ еднаш го слушаш со насмевка, а другпат ти звучи горчливо, зависно од тоа што доаѓа по него. Затоа ми беше важно во новата верзија да ги вратиме двете строфи што ги изоставивме за Макфест. Со нив повторно се слуша целиот пат што го минува песната, од првите разиграни слики до последната, „земја наша“. „Љубовта е“ од моја соло изведба стана песна за три гласа. Мики и Дарио, секој на свој начин, ги прочитаа стиховите што дотогаш ги пеев сам. Кај Мики ме радува онаа негова препознатлива рапавост, со која и наједноставниот стих добива тежина. Кај Дарио ми се допаѓа колку природно ја пренесува мислата, како да ти ја кажува во разговор. Со нив повторно ги слушнав зборовите на Огнен и открив нијанси што дотогаш ми бегале. Токму тоа ми беше мерак во оваа соработка.

Со Валентино и Томче Бојаџиески работевме на тоа секој глас да си го задржи својот карактер, а сите тројца да звучиме како дел од истата песна. Со мерак ви го споделувам и видеото“ – споделил македонскиот кантавтор под видеото кое и дава дополнителен шмек и поинаква атмосфера на песната.

Како звучи и изгледа изведбата на Џокси, Џафер и Дарио новата верзија на „Љубовта е“, проследете од видеото во продолжение…





