Поранешната македонска манекенка и една од најубавите ТВ-личности во нашата медиумска историја, Натали Грубовиќ се врати во Скопје, но овој пат за своето академско достигнување.
Иако веќе со години јавноста ја поврзува со гламурот на рефлекторите и златната ера на телевизиските игри на среќа, Натали докажа дека нејзиниот потенцијал ги надминува границите на шоу-бизнисот, па и тоа дека убавината и умот сепак одат заедно.
Натали преку социјалните мрежи гордо ја сподели веста дека официјално се стекна со титулата магистер на Економскиот факултет во Скопје.

За оваа свечена пригода, Натали избра класичен деловен изглед, позирајќи со чиста самодоверба и огромен букет цвеќе заокружувајќи го ова важно животно поглавје.
За потсетување, името на Натали Грубовиќ во 90-тите и почетокот на 2000-тите беше синоним за убавина, шарм и елеганција во Македонија. Како дел од легендарното водителско дуо со шоуменот Игор Џамбазов, таа остави неизбришлив печат во култните гејм-шоуа како: „Супер Бинго“, „Џандар збира“ и „Тркало на среќата“.

Фразата „Натали, дај му на човекот!“ со децении остана запаметена како симбол на среќа и забава. По тој бурен медиумски период, Натали одлучи да се повлече од јавната сцена во Македонија, се омажи во Србија и целосно се посвети на семејниот живот во Нови Сад и одгледувањето на нејзината ќерка со која го имаат истото име – Натали.
фото:Instagram printscreen/nataligrubovic





