Силно невреме и катастрофални поплави го претворија Истанбул во вистинска воена зона, а среде драматична спасувачка акција се најдоа и едни од најголемите турски ѕвезди.
Познатата актерка Демет Оздемир и популарниот пејач Мурат Боз останаа заробени во студиски комплекс во населбата Ајазага, откако надојдената вода целосно ги отсече излезите од објектот.
Во зградата настанал вистински хаос кога снемало електрична енергија, а водата почнала брзо да навлегува во просториите каде што во тој момент се наоѓале стотици членови на продукциските екипи.
Откако ситуацијата станала критична, уметниците алармирале за помош преку своите профили на социјалните мрежи, опишувајќи дека се во стапица и дека во објектот има многу луѓе на кои им е потребна итна евакуација.
Поради високото ниво на водата и силните струи кои го оневозможиле приодот со возила, спасувачките тимови од Агенцијата за управување со катастрофи, пожарникарите и крајбрежната стража морале да интервенираат со чамци.
За среќа, и Оздемир и Боз се успешно извлечени на безбедно, додека спасувачите продолжија да им помагаат на преостанатите вработени во комплексот. Ова страшно невреме веќе однесе и човечки жртви низ Истанбул, а снимањата на сите серии и проекти во овој регион се целосно прекинати.
фото:instagram printscreen/demetozdemir





