Концертна промоција на албумот „Holymood“ на Џоле Максимовски и неговиот авторски проект Maksimovski United ќе се одржи вечер(четврток) во Public Room во Скопје каде публиката ќе има можност првпат во живо да ги слушне осумте композиции од најновото издание, кое, според авторот, претставува музичко патување без жанровски ограничувања.
„Holymood“ ги поврзува џезот, хип-хопот, фанкот и традиционалната музика, при што Максимовски посочува дека музичкиот израз го следи мелодијата и грувот, наместо однапред дефинирани стилски рамки.
Албумот е создаван постепено, низ подолг временски период, а дел од композициите постоеле како идеи со години пред да ја добијат својата финална форма. Проектот е резултат и на соработка со музичари со кои Максимовски го поврзуваат долгогодишни професионални и пријателски релации.
Со концертот во Public Room, „Holymood“ ќе ја напушти студиската форма и ќе добие сценска интерпретација, со што новиот авторски материјал на Maksimovski United ќе биде претставен пред публиката во живо. бк/са/
фото: Плакат






