Една година откако Елена Васова ја доби престижната музичка награда Милан Младеновиќ, редно е да се сумираат нештата. Изминативе месеци Елена интензивно работеше на песните кои ќе се најдат на нејзиниот деби-албум, паралелно настапувајќи долж регионот.
Денес, откако многу работи се појасни, Васова е на крстопатот – што понатаму?! Според плановите, наскоро ќе не извести конкретно каква одлука донесе за иднината. Во меѓувреме ги сумираше работите, што се и се случуваше од лани, кога ја доби наградата, па до сега…
„Година исполнета со сцени, нови градови, нови луѓе и искуства – и со толку многу моменти што ме потсетија зошто ја избрав музиката“ – вели Васова, и додава:
„Крајот на 2025 го завршивме со еден преубав концерт на PIN Conference. Оваа година имав можност да настапам на Сепак се врти, Женски Земјотрес, SHIP Фестивал, Арсенал Фест и Модро и Зелено; да го отворам настапот на неверојатниот Васил Хаџиманов во BitefArt; да настапам во рамки на годишната Награда Милан Младеновиќ; и да бидам дел од Musicology Lenovo Showcase Finale, каде што ја освоив Првата награда според одлуката на стручното жири.

А пред мене е уште една важна сцена оваа година — SoAlive во Софија.
Кога ќе се навратам на сè што се случи, најмногу сум благодарна не само за самите настапи, туку и за сè што дојде со нив — луѓето што ги запознав, музичарите со кои ја споделив сцената, публиката што слушаше и пееше со нас, разговорите по настапите и сите мали моменти помеѓу нив. Секој настап ми донесе нешто ново. И некако, чувствувам дека ова е само почеток. Ви благодарам што сте дел од ова патување. Се гледаме на следната сцена“ – порачува Елена.

Додека ја чекаме да го потпише својот прв голем дискографски договор, веруваме дека со својата мудра одлука оваа неверојатна девојка и уметница уште еднаш ќе не направи горди, како лани, кога ја доби престижната награда.






