Маркетиншкиот пазар во Македонија и регионот доживува сериозен земјотрес, а ерата на слепото верување во инфлуенсерите полека но сигурно згаснува, вака некако се базира гледиштето на познатиот телевизиски презентер Спасе Јовановски или попознат од социјалните мрежи како Рола до Бола.
Спасе со својот најнов статус на социјалните мрежи отвори дебата која подолго време се шепоти во бизнис круговите, а сега е јасно и гласно кажана: инфлуенсерките се во сериозна криза! Поучен од лично искуство, на опкружувањето до себе или спој од двете, па и нешо трето… Спасе праќа јасен аларм!

Додека до неодамна сопствениците на бизниси трчаа по профили со големи бројки за едно обично стори или „рилс“, денес нештата на терен изгледаат сосема поинаку. Бизнисите се будат од сонот наречен „Инстаграм влијание“ и сфаќаат дека бројката на следбеници не ги плаќа сметките на крајот од месецот. Во продолжение ви го пренесуваме неговиот Фејсбук статус во целост:
„Инфлуенсерките се во криза! Не така одамна, кога за твојот производ или бизнис ти требаше промоција — речиси сите трчаа кај инфлуенсерки. ‘Пушти ми производ, ќе те ставам на стори.’ ‘Ќе направиме рилс.’ ‘Ќе те тагнам.’ И сите среќни. Арно ама… времињата се сменија. Денес сопствениците на бизниси сè почесто си ги ангажираат сопствените вработени, прават содржина со реални луѓе од фирмата или едноставно си пуштаат спонзорирана реклама и си ја мерат продажбата.Зошто? Прво — секој што грабна телефон мисли дека грабнал кариера. Отвори Instagram — сите се инфлуенсери. Сите се експерти. Сите имаат ‘влијание’. Само што… некои имаат 100.000 следбеници, а едвај 300 луѓе им гледаат стори. Второ — публиката престана да верува. Денес оваа крема е ‘најдобра што ја пробала во животот’. Утре друга. Денес ‘не може без овој суплемент’. Утре — друг бренд. Денес ‘ова ми го промени животот’. А утре истиот производ исчезнува од профилот затоа што завршила кампањата. И тука се случи најголемиот проблем: зборот ‘препорачувам’ ја изгуби вредноста. Кога сè е реклама — ништо веќе не изгледа како препорака.Трето — брендовите конечно почнаа да си го поставуваат прашањето: ‘Што добивам јас за тие 300, 500 или 1.000 евра?’ Лајкови? Сторија? Убаво видео? Или… реална продажба? Затоа што 80.000 следбеници не плаќаат сметки. Купувачите плаќаат. И тука доаѓа можеби најболниот момент за инфлуенсерите: Брендовите сфатија дека понекогаш еден добро обучен вработен, кој искрено го познава производот и зборува со вистински ентузијазам, продава повеќе од човек со 200.000 следбеници. А уште полошо? Платената реклама можеш да ја таргетираш, мериш, оптимизираш и стопираш. Кај инфлуенсерот плаќаш за ‘влијание’. И после седиш и се молиш влијанието навистина да постои.Не значи дека инфлуенсер-маркетингот умре. Напротив. Умира лошиот инфлуенсер-маркетинг. Умираат купените следбеници. Умираат празните профили. Умираат ‘најдоброто нешто што сум го пробала’ за 15 евра. Умираат профилите каде што секој втор пост е реклама. И можеби е време инфлуенсерите повторно да станат она што некогаш беа: луѓе на кои им веруваш — а не билборди што зборуваат. Затоа што кога ќе продадеш сè… на крајот немаш што повеќе да продадеш освен довербата. А кога ќе ја потрошиш и неа? Џабе царе све то твоје паре!“- заклучува Спасе кој наедно и самиот лично инволвиран во сугерирањето и промовирањето на разни производи како обувки, парфеми, очила за сонце… пред своите следбеници.
Резимето на оваа актуелна состојба јасно покажува дека не сме сведоци на смртта на инфлуенсер-маркетингот, туку на чистка на неговата лоша, површна и лажна страна.

Времето на купени следбеници, празни профили и евтини реклами изминува, отворајќи простор за сурова реалност во која бизнис секторот веќе нема трпение за „билборди што зборуваат“ и бара автентичност.
Пораката на Јовановски е јасен аларм до сите креатори на содржини дека довербата е единствената валута што вреди на пазарот. Штом ќе ја продадеш и потрошиш неа, парите и славата стануваат целосно безвредни, а пазарот немилосрдно ќе те отфрли.
фото:Facebook/Rolla Do Bolla






