На 13 август роденден слави еден од најпознатите и најпрепознатливи македонски фолк интерпретатори – Јордан Митев. Роден во Радовиш во 1986 година љубовта кон музиката ја гради уште од најраните години.
Професионалната кариера ја гради со голема посветеност на македонската народна песна, но и како автор на сопствени композиции. Неговиот репертоар низ годините е збогатен со бројни песни кои станаа препознатлив дел од неговите настапи, меѓу кои „Кога тргнав Цвето во туѓина“, „Македонско да заиграме“, „Срцево уште чува место за тебе“, „„Ајде сите на нозе“, „Моја последна“, „Љубов голема“, „Ти ќе си моја“, „Наздрави за љубов, наздрави за среќа“, „Татко“, „Денес ми е добро на душичката“…
А токму денес утринава, на Јордана му беше најдобро и најмило на душичката, откако го разбуди милозвучниот глас на неговата ќеркичка. „Тато стани, тато стани…“ – одекнувало во спалната, повик кој го разбудил штотоку легнатиот и изморен од долгите настапи и патувања пејач. Милозвучно будење со убав и голем повод! Роденден… и тоа јубилеен!

„И оваа утро фала му на Бога ме разбуди гласот на моите деца, ќерка ми ,,тато стани” ,,тато стани”…а јас штотуку легнав изморен од долгите настапи и потрошена цела енергија. ,,Тато стани”, да, тоа е за мене најубавиот глас со најубавата песна што ме буди секое утро, но оваа утро сакаше да ми каже дека има торта за мене…
40 години, не се малку, можеби не се ни многу, но некако многу бргу си минуваат годините.
Почитувана и моја драга публико, Ви Благодарам за сè! Ви Благодарам за честитките кои што од 00:00ч почнаа да пристигнуваат од сите краишта на светот, од цела Македонија. Ви Благодарам за љубовта и почитта што ми ја давате. Да сте ми здрави и живи!“ – споделил естрадниот уметник на својот Фејсбук профил покажувајќи ја роденденската торта, дар од неговите најмили!

За 26 декември 2026 година, во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, Митев го најави и големиот славенички концерт под мотото „Две децении љубов, песна и незаборавни хитови“. На концертот најавува голем оркестар и репертоар кој ќе го опфати неговото дведецениско музичко творештво.

Во меѓувреме за 40-иот роденден му пристигна уште еден подарок со посвета. Домашен, ж’т и течен… Колку за да „Наздрави за љубов, (да) наздрави за среќа“… За секој ден како и овој денес… Да му биде добро на душичката!
Фото: Фејсбук/JORDAN MITEV




