На 5 март од 20 часот, во Центарот за култура во Битола „Битолски оркестар Дива“ ќе го одржи традиционалниот концерт „Тоше, засекогаш во срцата“.
Концертот се одржува по осми пат во чест на Тоше Проески, а оркестарот заедно со познати пејачи ги свири најголемите хитови на Тоше.
Тоше Проески остави многу повеќе од песни. Остави спомени. Емоции. Моменти што ги носиме со себе цел живот. Неговата музика нè следеше низ радости и тешки денови, низ младоста, љубовите, разделбите… и секогаш некако знаеше да нè допре таму каде што зборовите не можат.

Уште не е објавено кои пејачи ќе им бидат гости на концертот, а на претходните, песни од Тоше пееја Каролина Гочева, Ламбе Алабаковски, Јелена Томашевиќ, Ѓоко Танески, Наде Талевска, Димитар Андоновски, Александра Јанева, Ристо Самарџиев во дует со Гоца Тржан (фото) и други.
На ланскиот концерт, се пееја и песни од дуото „ДНК“ во чест на починатите членови на бендот. Дел од парите од продадените билети, оркестарот ги донираше за семејствата на настраданите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ кој се случи на 16 март во 2025.
Билетите се во продажба на https://yournextevent.info/events/zasekogas-vo-srcata-2026 и во Тобако Димпо по цена од 500 денари.







