Јелена Розга неодамна го прослави својот 49. роденден, а зад себе има повеќе од три децении успешна музичка кариера.
Од периодот кога беше членка на „Магазин“, па сè до соло-кариерата, сплитската пејачка го привлекува вниманието на јавноста со своите песни, но и со изгледот.
Овојпат зборуваше за негата на кожата, својот изглед и естетските корекции.
Розга вели дека посветува големо внимание на негата на кожата, но истакнува дека не е оптоварена со својот физички изглед.
„Не сум оптоварена кога некој ќе напише нешто грдо за моите нозе. Тие се вистински балетски нозе, што е последица од 12 години балет. Најважно ми е да се чувствувам добро во својата кожа, а што ќе коментира некој, не ми е важно“, рекла Розга.
Таа открила и дека речиси 20 години го избегнува сонцето бидејќи има многу светла и чувствителна кожа.
„Се негувам и отсекогаш многу внимавам на својата кожа. Речиси 20 години не одам на сонце. Би сакала да добијам малку тен, но со мојата светла кожа не смеам. Веднаш изгорувам, а потоа ме пече и се појавуваат проблеми“, раскажала таа.

Освен редовните третмани, големо внимание посветува и на негата дома.
„Внимавам на кожата, таа е тенка и чувствителна, целата сум проѕирна. Одам на третмани и многу се негувам дома. Уживам да ставам креми, масла и маски на лицето бидејќи потоа се чувствувам добро“, објаснила пејачката.
Зборувајќи за естетските зафати, Розга вели дека не ги осудува, но смета дека најважно е да не се претерува.
„Сè што е умерено е убаво. Кога гледам прекрасни девојки со убави црти на лицето, не разбирам зошто се уништуваат со оние големи усни. Дури можам да кажам, не дека не е убаво, туку дека е гротескно“, рекла пејачката.

Иако јавноста најчесто ја гледа средена на сцената и на различни настани, Розга вели дека приватно е многу поопуштена. Признава и дека има денови кога не е задоволна од својот изглед.
„Имам денови кога воопшто не сакам да излезам на улица и мислам дека изгледам лошо, а потоа на крајот си велам: Добро е, каква врска има. Тогаш дури и не се шминкам, само ставам очила и сè е во ред. Нека оди животот“, раскажала таа.
Кога нема деловни обврски, шминкањето и средувањето не ѝ се приоритет.
„Ако не сум на сцена, не се средувам. Што ќе се средувам? Јас сум ти лесна. Живеам во маало каде што сите ме знаат, со години сум тука, го шетам кучето, опуштена сум во патики и лесна облека без шминка. Обично сум со опавче и изгледам како некое дете“, рекла низ смеа.






