Eurovision Live Tour 2026, првата летна турнеја во повеќе градови што беше закажана за јули и август оваа година по повод 70-годишнината од Евровизискиот натпревар, е откажана, објави Европската радиодифузна унија (EBU), наведувајќи „непредвидени предизвици“.
„Со жалење ве известуваме дека турнејата Eurovision Song Contest Live Tour, нема да се одржи. Сите сопственици на влезници ќе добијат поврат на средствата“, се вели во соопштението на EBU, во кое не се наведува директна причина за откажувањето.
„Се соочивме со непредвидени предизвици коишто, и покрај најдобрите напори на нашиот тим, продуценти и промотори, не можеа да се решат“, се вели во соопштението објавено оваа седмица.
Турнејата беше најавена како ново концертно искуство каде што евровизиските уметници ќе посетат неколку европски градови во текот на летото 2026 година и ќе го донесат Евровизискиот натпревар на нивните сали.
Но, се чини, пишуваат медиумите, дека продажбата на влезници била слаба во неколку градови, дека програмата била ограничена во споредба со очекувањата, а и влезниците биле прескапи.
Овие фактори можеле да влијаат на откажувањето, иако ЕБУ не потврди никаква конкретна причина, објаснуваат медиумите.
Ова е уште еден удар врз најголемиот музички настан во светот, откако пет земји се откажаа од годинешниот Евровизиски натпревар поради учеството на Израел.
Турнејата требаше да посети дест европски градови: Лондон, Хамбург, Милано, Цирих, Антверпен, Келн, Копенхаген, Амстердам, Париз и Стокхолм.
Годинешниот Евровизиски натпревар ќе се одржи во Виена, а финалето ќе биде на 16-ти мај.
Ќе учествуваат само 35 земји, што е најмал број откако натпреварот беше проширен во 2004 година откако Шпанија, Ирска, Исланд, Холандија и Словенија го бојкотираат годинешнот издаени поради Израел, но Романија, Бугарија и Молдавија – ќе се вратат по неколку години отсуство.







