Мегафон спој на искусните со новата надеж

Носталгија, камбекови и младост ја одбележаа финалната вечер на 41. идание на „Макфест“

Носталгија, камбекови и младост ја одбележаа финалната вечер на 41. идание на „Макфест“

По возбудливата прва вечер од 41. то издание на фестивалот на забавна мелодија „Макфест“ во која младите сили се бореа за своето место под македонското естрадно небо, саботната вечер(31. октомври) донесе вистинско естрадно освежување, спојувајќи ги искусните и афирмирани изведувачи со оние од новата генерација.

Заплетот на сцената започна со вистинска музичка панорама во која се преплетуваа различни жанрови и генерации. На сцената продефилираа 18 композиции, вклучувајќи ги шесте најдобри од првата вечер, па атмосферата се вжештуваше со секој следен настап.

Публиката имаше прилика да ги слушне шесте најдобри млади дебитанти од првата вечер – групата Арте-Факт, Тамара Грујеска, Елена Наумова, Теа Златева, Анастасија Спасевска и Драгана Јовановска, кои покажаа дека „Макфест“ не мора да се грижи за својата иднина.

Но, вистинскиот емотивен бум настана кога микрофонот го презедоа добро познатите имиња. На сцената се вратија уметници кои долго време ги немавме слушнато, носејќи со себе бран од носталгија.

Помладите Викторија Лоба, Теа Трајковска, Огнен Здравковски, Давид Темелков, Симона Поповска, Агни Авшар, Марија Спасовска, Марија Данева а меѓу нив и искусната Наташа Малинкова, и секогаш емотивниот Ристо Самарџиев кој и самиот кажа дека чувствува трема за камбекот на макфестовската сцена.

Посебен печат на вечерта ставија хип-хоп легендата Тони Зен во соработка со Јован Јованов, како и спектакуларните камбекови на Елвир Мекиќ и Врчак заедно со Симона Поповска, кои со својата енергија покажаа дека макфестовската сцена е место каде што минатото и сегашноста совршено се надополнуваат.

Низ целата оваа музичка приказна, со многу шарм и професионализам, публиката ја водеа Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски.

Покрај нотите, расплетот на сцената донесе и моќни човечки пораки кои ја надминаа самата музика. На сцената како гостин презентер се појави раперот Марко Маринковиќ-Слаткаристика. Во еден искрен и исклучително емотивен момент, тој зборуваше за своето лично соочување со пелтечењето.

Како за финиш, уметничкиот директор Роберт Саздов со право констатираше дека фестивалот направи огромен чекор напред, а задоволството на лицата на изведувачите ја потврди таа теза.

„Макфест 2026“ ни покажа дека на македонската музика се работи и само се чека вистинска сцена за повторно да блесне.

Новите песни допрва ќе го освојуваат радиоетерот, а на нас ни останува да ги потпевнуваме рефрените и да ја чуваме оваа убава традиција.

Токму такво беше и признанието за Лара Иванова и најслушаната песна меѓу двата фестивала -„Доминантен“.

Инаку, фестивалот не издвои победник, туку и годинава беше од ревијален карактер ставајќи го акцентот на сите песни и сите учесници подеднакво.

фото:Instagram printscreen/makfestfestival

To top