Дигиталната генерација нема поим, ама оние малку повозрасните добро го паметат времето на аналогните носачи на звук. Големите ЛП и малите сингл плочи и аудиокасетите, од кои во почетокот на 90-ите сите македонски радиостаници, кои во секое малку поголемо место по осамостојувањето никнаа како печурки по дожд, пуштаа музика.
Два, три… дека (касет-плеери), барем двоканален миксер, микрофон и вози Мишко… Пуштај музика од касета и миксај. И така се до појавата на ЦД-ата и ЦД плеерите и подоцна компјутерите, по што касетите дефинитивно „умреа“! Останаа само спомените на тие времиња, ама и на луѓето кои работеа по локалните и националните радија.

Многумина од нив потоа се преселија во Скопје, па во македонската престолнина направија ДЈ-ска, водителска, па и сопственичка кариера, а и радио бизнис… Од Зоран Петров и Ерик Фокс, од радио Антена 5, до еден грст ТВ водители и водителки кои денес ви се познати… Од Ване Марковски и Јелена Спенџарска до Ивана Јанковска – „Старс“…
Една од нив е и таа… Само сега не е на радио, туку на телевизија…. А на оваа фотографија од пред триесетина и кусур години веројатно денес не би ја препознала ниту родената мајка. Тогаш работела во локалното радио во малото рударско гратче на истокот во Македонија. Како клинка, 14-15 годишна тинејџерка која ги правела првите медиумски чекори во тогаш нивното локално „Скај радио“.

Амбиентот во тесната кабина како во описот, полн со купишта касетни изданија, ДЈ-от (Боро ќе да беше) покрај неа, а таа со слушалките на уши нешто преслушува. Само што тогаш за разлика од денес тотално поразлично изгледа. Млада, симпатична буцкаста тинејџерка, со истата онаа насмевка која до душа никогаш не ја напуштила, па ја краси и до ден денес. Само што на сликата годините се 30 минус, а килограмите 30 плус!

Убедени сме дека никој од вас не може од прва да погоди за која наша денес позната ТВ водителка се работи? Но, за да не ве држиме во неизвесност, еве „нешто конкретно“, за да ви биде полесно да одгатнете.

Радиото на сликата во кое работела во детството се наоѓало во Македонска Каменица, а таа оттаму по основното училиште со своите родители ќе направи преселба во Скопје, за подоцна да стане ем ТВ водителка, ем пилатес инструкторка и така во круг се’ уште го живее веков…

Ако не погодивте – време е да ви откриеме дека ова на фотографијата, верувале или не е… Снеже Велков!

Фото: Приватна архива/Инстаграм/velkovsneze





