Мегафон затворање на кругот...

„Меморија“ по најдобриот концерт на сите времиња, пред испишување нова историја: Првин троен Live LP, па сосема нов албум, изложба и нова концертна „семејна хармонија“ во МКЦ

„Меморија“ по најдобриот концерт на сите времиња, пред испишување нова историја: Првин троен Live LP,  па сосема нов албум, изложба и нова концертна „семејна хармонија“ во МКЦ

„Меморија“ е рок-група, која секогаш го сплотувала Македонскиот народ. Во меморијата на македонската музика таа ќе остане запаметена по жестоките рок-хитови, певливите рефрени и по прекрасните рок-балади, можеби едни од најдобрите во историјата на македонската рок музика “ – напиша новинарката Соња Алексоска Неделковска во воведот на својот осврт во кој го отслика  јубилејниот коцерт кој бендот го одржа минатата година на 16-ти ноември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Сега, кога впечатоците се сумирани, еуфоријата стишана, а емоциите легнати, бендот решил она што е историја да не го оставi на ветрометина, само во сеќавањата на публиката, туку комплетниот материјал да го стави на носач на звук. И тоа и на плоча и на ЦД. Поразлични во многу што од останатите, Перо Камиказа и другарите ако прв пат испишаа дискографска историја  пред 35 години, сега решиле да ја повторат, само малку поинаку!

Имено, „Оган под ѕвездите“ беше првата, 001 ЛП плоча испеана на македонски јазик, а издадена за македонска дискографка куќа – тогашната музичко-касетна продукција на  РТС,  сега МРТ. Сега „Mеморија“ ќе биде првата македонска група или изведувач, кој ќе издаде троен ЛП албум. Ланскиот концерт од „Борис Трајковски“ ќе биде ставен на три ЛП плочи во луксузно пакување кои ќе бидат отпечатени во „ Sony“ во Австрија и издаени во лимитиран тираж.  Нешто што и во биша Југославија го направил само еден човек – Џони Штулиќ со неговата „Азра“ и живиот албум „Равно до дна“! Во исто време концертниот материјал ќе биде отпечатен и издаден и на двојно CD.

Кон крајот на годинава пак, „Меморија“ подготува уште две изненадуања за нејзината публика. Најпрвин издавање на нов албум на кој ќе се најдат десет песни, од кои петте последни веќе промовирани и пет сосема нови, како  и новата верзија (со дувачи и блех муика) на мегахитот „Дирлада“, кој во ваква форма сега постои само во жива верзија.

Потоа во „Младинскиот културен центар – МКЦ“ во Скопје се планира да биде поставена изложбата со фотографии, плакати и артефакти по повод „40 годишниот јубилеј од постоењето на бендот“, а истата да заврши со концерт за лимитиран број посетители во „Денсинг салата“ на овој култен културен храм. Местото каде што бендот пред четири децении го одржа и својот прв концерт, одново ќе биде местото кое ќе ги собере сите генерации.  И оние од публиката, но и сите оние бивши и сегашни членови на „Меморија“, кои ќе се качат и менуваат на сцената во различни постави, онака како што се менувале и поставите низ годините и ќе ги свират познатите хитови и балади на групата.

Нешто што ќе биде своевидна атракција и за публиката и воопшто за јавноста, зашто  ретко кој, а можеби и никој досега тоа не го направил. Концерт за сладокусците, но и самите членови на групата кој ќе го затвори кругот, ќе ја заокружи фазата на едно четиридецениско постоење, како еден вид „семејна хармонија“ за ново парче во македонската рок ен рол историја. Онаква, каква што членовите на „Меморија“ ја испишаа неодамна со последниот концертен спектакл.

Но, последниот концерт по многу што единствен и спектакуларен покажа уште нешто, што ретко кој, можеби и на никој од домашните изведувачи не му пошло од рака: Да има преполна сала, и тоа најголемата што постои во Македонија, при тоа да создаде таква синергија помеѓу националното чувство на припадност на еден народ и една земја и емотивниот набој на љубовта и поврзаноста, а сето тоа да ја држи тензија и расположение кое ја милува душата. Атмосфера на еуфорија во тричасовна свирка и тоа само со сопствен репертоар на нумери, освен оние од стилизираниот фолклор на почетокот и настапите на неколкуте гости. При тоа целата концертна приказна да биде зачинета со совршенство од визуелно уживање во специјално изработените анимации на лед скриновите,  магија создадена од македонски аниматори кои работат за најпознтите светски филмски компании и продуценски куќи.

И не само тоа, туку концертот на „Меморија“ беше си совршенство на звукот кој во невидениот фидбек на публиката со која создаде таква хемија што оние на сцената и останатите во салата се стопија во една душа… Рокерска, а наша, македонска, создавајќи една комплетна концертна убавина за сите сетила! Нешто што никому не му пошло од рака, па ниту на оние толку фалените кои доаѓаат од соседството и регионот, а настапите (со чест на ретките исклучоци) им се сведуваат на обична тезга. Колку да се одработи за да се собере кајмакот и изнесе надвор преку граница, неретко во кеш, без да се плати денар данок на државата која ја доживуваат како „поле за естрадна жетва“ на десетици, па и стотици илјади евра!

Затоа концертот на „Меморија“  беше и ќе остане  не самио поразличен од сите други, туку и еден и единствен кој го качи рејтингот, го крена нивото на македонската музичка поп-рок сцена. Покажа дека наместо да се се поставуваат билборди и полнат порталите со наслови за партиски квазипатриотски бојкоти и забрани на српските изведувачи, многу подобро е кога ќе се засукаат ракавите, па со сопствената  понуда ќе им се “затне устата“ и покаже дека овде, со нашето и од нивното, многу подобро се може! Само треба да имаш што да  понудиш и да знаеш и умееш како тоа да го презентиташ!

Затоа концертот на „Меморија“ е не само концерт на годината, деценијата, туку најдоброто  од  “Третиот Илинден“,  од 91-вата досега во самостојна Македонија, кое го носи печатот „Мade in Mаcedonia“!

To top