Македонската пејачка Ивана Карајан на денот на Христовото раѓање промовираше божиќна песна, насловена „Светлина во светлина“.
Заедно со Иван Лозановски ги пишуваат музиката и текстот, додека Карајан е и изведувач на нумерата, која претставува божиќна порака и покана за внатрешна светлина, за мир и за добрина што може да ја носиме во себе преку целата година.

„Песната „Светлина во Светлина“ настана сосема спонтано, речиси случајно, во еден здив. Зборовите сами течеа а мелодијата ми се вртеше во гласот без да ја мислам, без план, без намера дека „пишувам песна“. Се случи одеднаш, од преголема радост и емоција, како нешто што мора да излезе од мене во тој момент. Знаев дека не може да чека до следна година“, објаснува Карајан.

Иако периодот бил исклучително напорен со настапи, проби и многу обврски, чувството што ја „родило“ оваа песна било посилно од заморот. Затоа, Карајан со тимот одлучиле да ја реализираат веднаш, без одложување, со многу вложена енергија, време и непроспиени ноќи.

„Мојот мотив за оваа песна е благодатта што ни ја дава Бог, чувството на внатрешен мир и сигурност кога Го имаме Него во себе. Преку музиката сакав да потсетам дека со Бога животот има појасна насока а срцето станува потивко и посветло. Во време кога сме изгубени во брзината, во површните вредности и во недостигот од емпатија, за мене беше важно да се изговори една едноставна, но длабока вистина дека Бог не се менува и дека Неговата љубов и присутност се секогаш тука“, додава Карајан.

Нејзина желба е нумерата „Светлина во светлина“ да допре до луѓето тивко, но длабоко, да ги сплоти и да ги потсети на љубовта, почитта и духовноста како основа на секое здраво човечко постоење.

На крај, Карајан посакува оваа нумера да донесе мир, здравје, љубов, надеж на сите и да биде мал потсетник дека никогаш не сме сами. Бог е секогаш со нас! „Христос се роди – навистина се роди“.







