Промотер

Иван Кукиќ & Sound Therapy го претставуваат синглот и видеоспотот „Зачаран круг“ (видео)

Иван Кукиќ & Sound Therapy го претставуваат синглот и видеоспотот „Зачаран круг“ (видео)

По објавувањето на студискиот албум „Зачаран круг“, македонскиот кантавтор, мултиинструменталист и продуцент Иван Кукиќ, заедно со својот бенд Sound Therapy, го претставува видеоспотот за насловната песна од албумот.

Музиката ја потпишуваат Иван Кукиќ и Стефан Илиќ, кој воедно е и автор на текстот, додека аранжманот е дело на Кукиќ. Песната е создадена во студиото на Кукиќ во Струмица, каде што настанува и најголемиот дел од неговото авторско творештво.

„Стефан и јас седнуваме, разговараме за животот, луѓето и различни ситуации, а потоа, во еден момент, едноставно доаѓа инспирацијата. Тој почнува да го пишува текстот, јас ја барам мелодијата и едноставно меѓусебно се надополнуваме. Сè се случува сосема спонтано и во фантастична енергија“, вели Кукиќ.

Иако првичната верзија на песната траела само три минути, за време на пробите со бендот таа постојано се развивала, добивала нови музички целини и на крајот прераснала во композиција долга повеќе од осум минути.

„Секојпат кога ќе помислевме дека песната е завршена, се раѓаше некоја нова идеја. На крајот и самата стана вистински зачаран круг“, додава Кукиќ.

Еден од деталите што веќе го привлече вниманието на слушателите е делот од песната во кој се појавуваат зборови без конкретно значење. Како што објаснува Кукиќ, тие настанале спонтано за време на работата во студиото, низ игра и импровизација, со идеја да звучат интересно и мистично, оставајќи му простор на секој слушател за сопствена интерпретација.

Видеоспотот го монтираа Иван Кукиќ и Зоран Трендов, пријатели кои уште од детството ги поврзува љубовта кон филмот. Како деца заедно снимале кратки филмови, осмислувале приказни и ги монтирале своите први остварувања, а токму таа креативна разиграност ја пренесоа и во новиот видеоспот, користејќи ги можностите на вештачката интелигенција. На спотот работеа повеќе од четириесет часа, внимавајќи секој кадар да ја следи атмосферата и развојот на осумминутната песна.

„Знаевме дека работиме нешто што денес не е вообичаено – песна долга осум минути и видеоспот што ја следи целата нејзина приказна. Се надевам дека сите што ќе го слушнат ‘Зачаран круг’ и ќе го погледнат спотот ќе почувствуваат барем дел од емоцијата, возбудата и радоста што ние ги чувствувавме додека го создававме. Ако успееме таа енергија да ѝ ја пренесеме на публиката, тогаш сме го постигнале она што го посакувавме“, заклучува Кукиќ.

Летово тој е концертно ангажиран со Влатко Стефановски, во чие што Трио членува, заедно со синот на Влатко – Јан Стефановски, а нема да изостанат ниту промотивните активности врзани за актуелниот албум „Зачарани круг“.

– „Меѓу текстовите кои ги отпеав на албумот, посебно сум горд на оние кои за мене специјално ги напиша легендарниот Огнен Неделковски, а душава ми е полна и што како специјалниот гостин на албумот се најде и светски познатиот актер Раде Шербеџија“ – дополнува Иван Кукиќ.

фото:Приватна архива/иван Кукиќ

To top