Легендарниот тапанар на култните ЗЗ Топ, Френк Бирд починал во понеделникот, 17 август, на својот ранч во Ричмонд, Тексас, опкружен со семејството. Причината за смртта не е објавена.
Неговата здравствена состојба се влошила во последните месеци, поради што бендот го откажал настапот во Холивуд Боул на 5 август, а по неговата смрт откажани се и концертите во Солт Лејк Сити и Колорадо Спрингс.
Уште во март 2025 година, бендот соопштил дека Бирд „привремено“ ја паузирал турнејата поради здравствени проблеми.Основачот на бендот, Били Гибонс, изјавил за Вараети:
„Денес Елвуд и јас изгубивме голем пријател и соработник, а светот изгуби еден од најприродно иновативните тапанари и вистински син на Тексас. Неговиот препознатлив ритам беше клучен за ЗЗ Топ да остане на врвот. Бендот чиј член беше шест децении ќе продолжи понатаму, онака како што тој и сакаше“.

Роден на 11 јуни 1949 година во Френкстон, Тексас, Бирд пред ЗЗ Топ свирел во бендовите Американ Блуз (American Blues), Д Ворлокс (The Warlocks), Хастлерс (Hustlers) и Селар Двелерс (Cellar Dwellers). Токму тој, кон крајот на 1969 година, му предложил на Били Гибонс — тогаш фронтмен во потрага по ритам-секција, на аудиција да го повика басистот Дасти Хил.
Тројката потоа станала еден од најдолговечните и најпрепознатливите состави во историјата на рок музиката, активна сè до смртта на Хил во 2021 година, кога во бендот му се придружил Елвуд Френсис. Иако формално не бил основач на ЗЗ Топ, Бирд бил со бендот од нивниот дебитантски албум.

Надвор од музиката, Бирд водел многу помирен живот отколку што би сугерирала неговата рокенрол слика. Бил сопственик и управувал со ранч во Ричмонд во Тексас, а слободното време го делел меѓу голфот и авто-трките, со посебна љубов кон Ферари автомобилите. Се оженил со својата сопруга Деби во 1982 година; парот добил близнаци, а Бирд исто така помагал во одгледувањето на ќерката од претходниот брак. Иронично, со оглед на неговото презиме (кое на англиски јазик значи „брада“), тој бил единствениот член на ЗЗ Топ кој никогаш не пуштил долга брада која стана заштитен знак на бендот.
фото:Instagram printscreen/zztop







