Почина Наумче Новески – Џими, охриѓанецот кој долги години беше дел од организацијата на фестивалот „Охрид Фест – Охридски трубадури“. Оваа вест одекна преку социјалните мрежи откако на својата официјална фејсбук страница ја сподели фестивалот.

Со неизмерна тага ја примивме веста за заминувањето на нашиот долгогодишен соработник, пријател и член на големото семејство на „Охрид Фест – Охридски трубадури“, Наумче Новески (1966–2026).
Постојат луѓе кои не стојат во првиот ред под рефлекторите, но токму благодарение на нивната пожртвуваност, посветеност и искрена љубов кон она што го создаваат, светлата на сцената блескаат уште посилно. Наумче беше токму таков човек. Со години беше тивката, но незаменлива сила зад фестивалот – човек кој несебично го вложуваше своето знаење, време, труд и срце за секое издание на „Охрид Фест“ да биде организирано професионално, достоинствено и на највисоко ниво.
Неговата организираност, одговорност и човечност оставија неизбришлива трага во историјата на фестивалот. Не беше само соработник – беше вистински пријател, човек на кој секогаш можеше да се потпреш, личност која веруваше во идејата за „Охрид Фест“ и која со својата енергија помогна фестивалот да прерасне во она што е денес.
Со неговото заминување не загубивме само вреден член на нашето фестивалско семејство. Загубивме искрен другар, човек со големо срце, човек чија насмевка, посветеност и присуство засекогаш ќе останат дел од нашите спомени и од секоја фестивалска приказна.
Организациониот тим, ПР тимот и целото семејство на „Охрид Фест – Охридски трубадури“ изразуваат најискрено сочувство до неговото семејство, роднините и сите негови блиски.
Почивај во мир, драги Наумче.
Твојот труд, твојата добрина и сè што направи за „Охрид Фест“ никогаш нема да бидат заборавени. Ќе останеш засекогаш дел од нашата фестивалска историја и од нашите срца.
Нека ти е вечна слава!“ – стои во фестивалското соопштение по повод загубата на еден од најистакнатите членови на организациониот одбор на „Охрид фест – Охридски трубадури“.





