Од денеска до 26 септември во Сули-ан во Скопје ќе се одржи првото издание на ФЛУДО – фестивал за еко-култура и креативен активизам, во организација на „Еко-свест“.
Фестивалот има за цел преку уметноста, културата и образованието да ги отвори прашањата поврзани со животната средина и да создаде простор за нивно поврзување со пошироката јавност.
Од „Еко-свест“ посочуваат дека во изминатите пет години развивале соработки со независни културни центри, фестивали и уметници, со цел еколошките теми да станат дел од културните програми и уметничките продукции.

-Веруваме дека културата има моќ да отвора прашања, да создаде нови перспективи и да придонесе кон градењето на наративот за животната средина- вели Ѓорѓи Митревски, програмски координатор во „Еко-свест“.
ФЛУДО е замислен како простор на кој ќе се сретнат уметноста, образованието, активизмот и граѓаните. Во фокусот на првото издание е заштитата на реките, а програмата опфаќа изложби, работилници, филмски проекции, разговори и музички настапи.
Во рамки на фестивалот ќе се одржат работилници за стоп-анимација, театар на сенки, цијанотипија, сито-печат и креативно рециклирање. Посетителите ќе можат да ја проследат и „Еко трампата“, посветена на циркуларната економија, како и проекции на кратки документарни филмови со еколошка тематика, меѓу кои и филм посветен на изворот Рашче.
Музичкиот дел носи настапи и соработки на повеќе уметници, а фестивалот ќе заврши со концертот „TRANSMISSION“ со Александар Петров и Томи Анчов.
Името ФЛУДО е инспирирано од водата и реката како симболи на движење, поврзување и трансформација. Организаторите го замислуваат фестивалот како „дух на водата и симболичен заштитник на реките“ и платформа што ќе продолжи да ги поврзува уметниците, организациите, активистите и граѓаните.
Авторка на визуелниот идентитет на фестивалот е Марија Трајаноска. дма/са/
Фото: „Еко-свест“
извор:МИА






