Младата и мошне талентирана штипјанка Елена Наумова доживеа вистински триумф на престижниот меѓународен фестивал „Балкан Фест 2026“, кој деновиве се одржа во Бања Лука, каде што настапија изведувачи од дури 11 земји.

Во силна регионална конкуренција, Елена блесна на сцената во елегантен црн гламурозен фустан, а нејзиниот моќен вокал и емотивна интерпретација буквално ја оставија публиката без здив. Со макфестовската песна „Само нека помине“, која ја испеа целосно на македонски јазик, таа успеа да го привлече вниманието на сите присутни и да покаже дека добрата музика не познава ни граници ниту јазици.
Наградите не изостанаа
Елена дома се враќа со две големи признанија – наградата за Најдобра композиција и високото второ место на фестивалот, успех кој ја вбројува меѓу највпечатливите учесници на годинашното издание.
Станува збор за композицијата која веќе и ја претстави на македонската публика на јубилејното издание на „Макфест“, а зад која стои проверен авторски тандем. Музиката и текстот се дело на Ристо Самарџиев, додека аранжманот го потпишува Давор Јордановски, обајцата членови на легендарната македонска поп-рок група „Меморија“.

„Од Бања Лука се враќаме со Второ место и Најдобра композиција. Песната „Само нека помине“, со која минатата година настапував на Макфест, на овој фестивал ни донесе две убави награди и прекрасно чувство на сцената. Благодарна до небо за ова признание и за сите што беа дел од ова патување“ – напиша Елена на социјалните мрежи, споделувајќи ја радоста од големиот успех.


Приказната тука не завршува
Освен што ги освои симпатиите на публиката и жирито, младата штипјанка добила и неколку покани за настап на интернационални фестивали ширум Европа. Меѓу нив се фестивали во Летонија, Малта, Белорусија, како и повеќе музички манифестации низ регионот.

Заедно со својот матичен „Бумбари бенд“, Елена уште еднаш покажа дека македонските таленти имаат што да кажат и надвор од границите на земјава. А судејќи по реакциите по нејзиниот настап во Бања Лука, ова е само почеток на една голема музичка приказна.
View this post on Instagram
Фото: Инстаграм/naaumovaa





