Ништо лично Заврши 31-то издание на „Охрид фест 2024“

Две фестивалски вечери во знакот на македонскиот фолк, забавни и поп анонимуси и екс ЈУ антологиските евергрини и јубилејите на нивните изведувачи (ФОТО)

Две фестивалски вечери во знакот на македонскиот фолк, забавни и поп анонимуси и екс ЈУ антологиските евергрини и јубилејите на нивните изведувачи (ФОТО)

Последниот викенд од август, петок и сабота 30 и 31.08.2024 година беше резервиран за еден вид затворање на музичката сезона во Охрид, со 31-то фестивалско издание на „Охрид фест – Охридски трубадури“.

Како и последниве години, спакуван во две фестивалсдки вечери фолк и интернационална – забавна/поп вечер, фестивалот понуди две различни изданија. И жанровски и квалитативно.

                                                                                                                            Народњаците го зацврстија приматот

Очигледно е дека „народњаците“ последниве години го презедоа приматот на фестивалот, па нивната вечер и годинава беше исполнета со дузина нови, кавалитертни, новосоздадени песни во различен стил. Од познатат трубадурско – чалгаџиска охридска песна, преку оние со патриотска содржина во стиховите, до оние како на пример победничката на Ленче Кукиќ, кои во себе носат микс пд фолклорниот мелос и забавната музика, на еден совремн, стилизиран начин, аражмански извонредно изткаен, со феноменалната интерпретација на познатата пејачка. Песна која не случајно ги поклопи вкусовите и на стручното жири и на акредитираните новинари.

Ништо помалку емотивна и лирична и победничката песна која ја понесе првата награда од публиката на Благоја Грујовски, која потсети на старите убави времиња, со својот охридско – трубадурски шмек  и вечната тема – љубовта, ама во оние времиња во неговата песна.

Но не само прво наградените или сите наградени воопшто, туку генерално фолк вечерта годинава уште повеќе ја надмина онаа втората, интернационалната. Народњаците годинава го зацврстија приматот, зашто понудија многу поголем квалитет кој е некако стандарден, а е зачинет со многу  посвеж израз, што на новосоздадената македонска фолк песна  и ја одржува и тардицијата и рејтингот, создаден уште во најдобрите денови на „Валанадово“, „Цветници“… и останатите фестивали, како и овој, охридскиот. Се’ на се, традицијата вткаена во  македонскиот фолклор кога е во прашање новосоздадената народна песна не само што има свои уникатни специфики и квалитет, туку и песрпектива долго да опстане.

Кога веќе ги споменавме прво наградените од публиката и жирито, еве ги и останатите награди во фолк вечерта кои беа вака распределени:

Публика

1. Благоја Грујовски: Ноќва Охрид не спие
2. Драган Николовски Даце: Катанче
3. Влатко Миладиноски: Песна за Свети Наум

Жири

1. Ленче Кукиќ: Добри анѓели
2. Група Биоритам: Засекогаш твој
3. Благица Павловска: Химна на љубовта

-Најдобар дебитант: Катерина Ристова
-Најдобар текст: Катанче на Анита Даева
-Најдобар аранжман: Дејан Георгиевски Ѕене
-Награда за најдобра интерпретација: Горан Кукиќ
-Најтрубадурска песна: Ќе ти дарам еден цвет-Нино Величковски
-Награда Долни Сарај:Катерина Танева
-Новинарска награда: Ленче Кукиќ: Добри ангели
-Награда Аце Ангелески: Анета Арсовска

Забавњаците во дефанзива или фестивлски бојкот?

Втората фестивалска вечер, која е интернационална, е всушност микс од она што некогаш беше по вечерта и гостите однадвор, и овој пат огледани во неколку исклучително големи музички имиња од регионот иако меѓу нив некои репризно ги гледаме речиси  секоја година, ама… тоа е!

За разлика од онаа на народњаците, вечерта на забавњаците и поп изведувачите е сведена на вечер на анонимци! Со исклучок на едно-две имиња кои се веќе познати иако оддалеку ниту тие не се дел ниту од првата македонска забавна /поп лига, а за регионалната и да не зборуваме, останатите може да се окарактеризираат како млади таленти кои допрва доаѓаат, па поп вечерта слободно може да се нарече и вечер на млади надежи.

Пиететот – интернационална, е само заради тоа што некои доаѓаат од соседството или екс-ЈУ регионот, а сето тоа е измиксано со специјалните награди за разно-разни јубилеи на поедини легендарни имиња од некогашна Југославија кои добиваат ваква или онаква ревијална награда за долгогодишно присуство во професијата или песна која останала евергрин за сите времиња.

Така, годинава ги видовме Лео Мартин, одново Дадо Топиќ и Срѓан Марјановиќ…

Постхумно беше награден Аки Рахимовски, Влатко Стефановски за кој не разбравме ни зошто ни како добива награда, а не го ни видовме на сцената, па дури никој во негово име не се ни појави нешто да каже или прими?!

За прв пат тука беше и Јелена Томашевиќ, а Кристијан Кики Рахимовски  ја прими постухмо наградата во име на неговиот татко Аки и се претстави на публиката и најави скорешни концерти во Македонија!

Момент во кој аплаузот долго траеше, како и оној нешто подоцна, кога легендарниот  Дадо Топиќ  по примената награда се симна во првиот ред на публиката и лично и пријде на претстедателката на Република Македонија – Гордана Силјановска Давкова.

Таа стана, го гушна, се поздрави и размени неколку зборови со музичката легенда, чија култна песна „Македонија“ претходно и таа ја пееше додека траеше неговата изведба на сцената, а потоа тој седна до неа за до крај да ја проследат фестивалската завршница.

На интернационалната вечер наградите и признанијата ги однесоа:

Награди од публиката

1.Немања Радошевиќ (Србија)
2.Лола Пухар (Хрватска)
3.Емин Печанин (Хрватска)

Награди од жирито

1.Мила Николовска Ѓумар
2.Милорад Мијушковиќ (Црна Гора)
3.Милан Бујаковиќ (Србија)

Награда за интерпретација – Дорис Димовска

Најтрубадурска поп композиција – Стефан Спироски

Награда за најдобра аудио продукција – Студио тра ла ла за песната “Лага”

Најдобар дебитант – Илија Јовчев

Награда за сценски настап – Славчо Крезовски

Најдобар аранжман – Давор Јорановски за “Нека свети”

Најдобар текст – Весна Малинова “Нека свети”

Награда од акрдитираните новинари – Немања Радошевиќ

Најслушана песна помеѓу два фестивали – Шепни ми

Награда Долни Сарај – Сергеј Попоски

И сето тоа убаво, иако едни исти да ги гледаме секоја година не е умесно, а и е здодевно, но сепак… Големите имиња кои го удостојуваат фестивалот ја увеличуваат неговата важност и значење, му даваат посебен пиетет и дополнителна големина, но…
Ако е веќе македонски фестивал кој меѓудругото е финансиран со народски пари и од Министерството за култура и општина Охрид, а на него треба да гледаме натпревар за награди, белким теба да видиме и големи, познати и популарни македонски имиња, како некогаш во поп вечерта која сега ја нема и не постои?
Оттука прашањето кое јавноста си го поставува во вид на дилема е дали најпопуларните македонски забавњаци се во музичка дефанзива или постои фестивалски бојкот кога е „Охрид фест“ во прашање?

Судејќи според бројот на хитови на годишно ниво, а и учеството на многумина од нив, па и на најголемите имиња последниве години на еден „Макфест“ на пример, се чини дека има нешто што е „труло и болно“ во целата работа? Некој „црв кој го јаде“ забавното фестивалско дрво, а не е директно поврзан со музиката, недостигот на добри песни и познати пејачи? Веројатноста односите на релација: организтор – пејачи се до толку многу „изабени“ што понаку и не е можно, ако не се смени пристапот. Првенствено на тоа што нуди фестивалот како организација, како се распределуваат наградите кога веќе мора да ги има, постојат ли транспарентни правила на игра, има ли конфликт на интереси одвнатре, се прават ли манипулации и однапред договорени „пазарења“ и уште еден куп недоумици, за кои со години „гласно се шепоти“, ама „караванот си врви“… За жал, секоја година товарен со се’ повеќе музички анонимуси,  наместо вистински македонски поп ѕвезди!

Сето ова не значи дека фестивалот треба да го нема и да не постои – напротив! Создадената традиција треба да се негува и продолжи,  изградениот рејтинг да се чува и надградува, ама и понудата да биде хитовска. Создадена и испеана од првата македонска авторско-изведувачка музичка поп лига, зашто секоја чест на големите имиња отстрана, ама „Охрид фест“ е, а  и треба да е,  пред се’ македонски фестивал!

Фото: Вистина.мк/ Фејсбук/Ohrid Fest Ohridski Trubaduri

To top