Триесет и третото издание на реномираниот музички фестивал „Охрид-фест – Охридски трубадури“ синоќа (26. Август) свечено започна со својата традиционална Фолк вечер. На една од најубавите летни сцени на Балканот, „Долни Сарај“, пред многубројната публика и во директен телевизиски пренос беа промовирани нови композиции кои го задржаа духот на староградската музика и препознатливиот охридски мелос.
Првата фестивалска вечер донесе вистинско уживање за љубителите на фолк-музиката. Низ програмата, која елегантно ја водеше познатата Ирена Спировска, продефинираа вкупно 17 изведувачи. На сцената се појавија докажани вредности на македонската естрада, меѓу кои Блага Петреска, Перо Христов, Нино Величковски и Петар Нечовски, но и голем број млади и талентирани пејачи кои успешно ја продолжуваат традицијата.

Настапите беа проследени со бурни аплаузи и емоции, а стручното жири и гласовите од јавноста ги наградија најдобрите трубадурски рефрени за оваа година, заокружувајќи уште една успешна фолк приказна во Охрид.
Прво место од публика замина во рацете на Анета Љумаковска и нејзиниот Анета бенд, за композиција „Срцево те бендиса“. Втора награда од публика за Бобан Зафировски, и трета за Петар Нечовски. Стручното жири пак за првонаграден го назначи Милован Секуловски и Гр.Сарај, втор беше Перо Христов и трета награда за Ивана Серафимовска.

Фестивалската магија во Охрид продолжува без пауза. Денес (четврток, 27-ми август), со почеток во 20:10 часот, сцената на „Долни Сарај“ е резервирана за возбудливата Интернационална поп вечер.Покрај натпреварувачкиот дел каде претежно млади изведувачи ќе ги претстават своите модерни поп-рефрени, организаторите најавуваат и спектакуларна ревијална програма. Вечерва во Охрид ќе гостуваат големи музички имиња од земјава и целиот регион. Меѓу најавените ѕвезди се легендарниот Дадо Топиќ, Сузана Манчиќ (која ќе настапи во дует со Јовица Ѓоле Боем), Принц, Ана Петан, како и Биба Додева, која по подолг период се враќа со свој настап на сцената каде веќе двапати има триумфирано.
фото:Facebook/Ohrid Fest Ohridski Trubaduri







