В понеделник, 28 септември, почнува 12. Фестивал на европската литература BookStar кој ќе се одржи од 28 до 30 септември 2026 година во Скопје, под мотото „Чуму слободата?“ / „FREE AT LeAST?“, и ќе донесе три фестивалски денови исполнети со средби со европски и македонски автори, разговори, книжевни читања, поткасти, дебати и неформални фестивалски настани.
Годинашното издание ги отвора прашањата за слободата, личната и колективната меморија, книжевноста и историјата, но и за светот што забрзано се менува под влијание на технологијата и вештачката интелигенција.
Фестивалот официјално ќе биде отворен во 19.30 часот во Лабораториум, а програмата започнува уште во 13 часот со средба на шпанскиот автор Елој Морено со ученици од средни училишта во Театар Комедија. Местата за оваа средба се веќе потполнети.
Странските автори кои годинава доаѓаат во Скопје се ексклузивни имиња на европската литература: Јап Робен (Холандија), Елој Морено (Шпанија), Лилјана Коробка (Молдавија/Романија), Мартина Видаиќ (Хрватска), Гузел Јахина (Казахстан), Саша Бронвасер (Холандија). Претходно во Скопје гостуваше и Леа Ипи (Албанија/Велика Британија), како добитничка на наградата BookStar 2026. Во програмата се вклучени и над 30 македонски учесници, меѓу кои Влада Урошевиќ, Снежана Стојчевска, Александар Русјаков, Лилјана Пандева, Оливера Ќорвезироска, Петар Андоновски, Иван Шопов, Фросина Пармаковска и многу други.








