По повод најголемиот христијански празник Велигден, Македонската филхармонија го најавува концертот „Божествен“, кој ќе се одржи в четврток на 25 април, со почеток во 20 часот.
Премиерно во Македонија, ќе биде изведено едно од највеличествените дела на шкотскиот композитор Џејмс Мекмилан – „Седумте последни зборови од крстот“. Во вториот дел од програмата ќе биде изведена Симфонијата бр. 4 насловена „Трагична“ од австрискиот композитор Франц Шуберт.
Диригент на концертот „Божествен“ е маестро Конрад ван Алфен од Холандија, чест гостин-диригент со Македонската филхармонија, а заедно со оркестарот ќе настапи хорот „ПроАрс“, подготвен од маестро Сашо Татарчевски.