Мегафон На 3-ти октомври од 19 до 03 часот...

„Бела ноќ“ 2026 во Скопје: Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“, „Допамин“,електронска музика и уметност низ Скопје

„Бела ноќ“ 2026 во Скопје: Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“, „Допамин“,електронска музика и уметност низ Скопје

На 3 октомври, во организација на ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје, главниот град ќе живее во ритамот на „Бела ноќ“, со концерти, изложби, диџејски настапи и програма за најмладите.

Плоштадот „Мајка Тереза“ (на платото пред МОБ), на 3 октомври ќе обедини повеќе генерации публика со програма што започнува со детска песна и театар, а продолжува со концерти и музика по полноќ. Настанот е дел од „Бела ноќ 2026“, во организација на ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје, која и годинава ќе ги поврзе градските плоштади, улици, музеи и галерии во заедничка ноќ на културата.

Програмата на плоштадот „Мајка Тереза“ започнува во 18:00 часот со детскиот фестивал „Поточиња“, а во 18:45 часот следува „Театар за тебе“, интерактивен театар за деца. Од 19:30 часот публиката ќе ја раздвижи DJ Bono, по што во 20:30 часот настапува „Допамин бенд“. Во 22:00 часот, сцената им припаѓа на Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“, додека од 00:00 часот музичката програма продолжува со DJ Tammy и DJ Toshevv.

Кај фонтаната „Лотус“, „Бела ноќ“ ќе донесе вечер посветена на електронската музика. Програмата започнува во 20:30 часот со Flooder & Vaso, продолжува во 22:00 часот со DJ Vecky – Fluere, а од 00:00 часот настапува Invictoz – Sempre.

На платото пред Музејот на современата уметност, од 20:00 часот, ќе се одржи „IN BETWEEN 04“, со DJ AYŪ од Берлин, DJ Peneva, DJ Stefan Strange, DJ Bole и DJ Luka, дополнувајќи ја музичката понуда на манифестацијата.

На „Боемска улица“ ќе се одржи „Боемска бела ноќ“ на која ќе настапи младиот Владмир Поповски со бенд и DJ Тоше Вељанов.

Покрај концертните и диџејските настапи, „Бела ноќ“ ќе понуди и средби со современата ликовна и мултимедијална уметност. Во Домот на градежниците ќе бидат претставени самостојната изложба на Марија Рашковиќ и групната изложба „Вортекс“. Во Чифте амам публиката ќе може да ја посети изложбата „Пресек“ на Ирена Паскали, а во „Мала станица“ мултимедијалната изложба „Меѓу светови“ на Воскресија Андреевска.

To top