Мегафон на иста фреквенција со публиката

„Ареа“ ги распосла и сподели сите нивни музички слики: Два фантастични акустични концерти за незаборавно патување низ годините и спомените (ФОТО)

„Ареа“ ги распосла и сподели сите нивни музички слики: Два фантастични акустични концерти за незаборавно патување низ годините и спомените (ФОТО)

Гостиварската група „Ареа“ која повеќе од три децении е во самиот врв на домашната поп-рок сцена уште еднаш покажа  и потврди дека македонската музика има вредност и квалитети, а таа вредност публиката и тоа како умее да ја  препознае и цени. Зашто она што Ружица, Ивица и останатите од бендот го понудија на двата анплагд концерти во Македонската филхармонија беше повеќе од вистинска акустична рок симфонија.

Компактни и максимално свиречки увежбани до последна нота, засилени со четирите дами на гудачки инструменти (две виолини и две виолончела), секој нивни тон звучеше како на ЦД. Убедливиот и моќен вокал на Ружица која самоуверно владееше со сцената дури и во ваквата несекојдневна варијанта, ја водеше и групата и публиката на незаборавно патување низ времето и годините, што е уште една потврди дека македонската музика никако не смееме да ја ставаме таму некаде на маргините. Квалитетот и умешноста се неспорни во уметноста наречена поп-рок култура кај македонските изведувачи и бендови, а тоа и овој пат се докажа и оствари.

Нам ни недостасува нешто друго, што можеби нема многу допирни точки со самото свирење и пеење: Агресивен маркетинг, многу поголем одвоен прајм тајм простор за медиумско присуство, самоувереност и почитување на квалитетите на своето, за разлика од поданичкиот дух кон шундот на туѓото, закони во културата  зад кои цврсто ќе застане државата, за естрадата и понатаму да не биде „дива лига“, простор налик на „село без кучиња“ во кое кој како стигне доаѓа отстрана да дрпа и без правила на игра „го собира кајмакок“… И тоа најчесто во кеш пред да си си ја кидне преку граница, без да и остави банка данок на државата! Но тоа е друга тема за муабет!

Уште со првите отсвирени акорди беше јасно дека и вториот како и првиот концерт ќе биде уште една вечер за паметење. Полека но сигурно „Ареа“ и во својата акустична изведба, атмосферата ја претвораа во концертна, а публиката не само што со нив ги пееше рефрените на познатите хитови како: „Одведи ме“, “Фреквенција на љубовта“, „Колку ми значиш“, „Нешто недостасува“, „Јас сум ти пријател“, „Дозволи ми“… туку не можеше да остане мирна и закована за своите седишта. На иста фреквенција со групата, публиката голем дел од концертот го испрати станата на нозе, крајот на песните со аплаузи и стоечки овации, а на повик на Ружица присутните во еден момент создадоа и ѕвездено небо со своите мобилни телефони.

За повеќе од два часа „Ареа“ го отвори својот музички албум од кој ги извади, распосла и сподели со публиката сите нивни акустични слики. Нешто што последен пат претходно го направија пред цели 14 години, тогаш во сега веќе и тажната за спомнување, „Универзална сала“!

Во очекување на некој нов што ќе го надмаши и надмине, нивниот најголем хит во кариерата намерно беше изоставен во регуларниот дел од концертот. Сепак, како да се во претходен договор со публиката, по завршувањето на концертот, додека аплаузот долго траеше, „Ареа“ се вратија на бис… Со што друго ако не со „Сите мои слики“ при чија изведба настана ерупција во салата. Сите на нозе во еден глас ја пееја нивната химна, нивниот трејд марк, последната коцка во анплагд мозаикот со кој концертот ја доживеа својата катарза, а бендот до крај ја склопи својата музичка слика, налик на акустично ремек дело.

Фото: Vistina.com.mk/Facebook/Ruzica M. Brcioska

Видео: Facebook/Сања Станковиќ

 

To top