Уште додека беше „Пинкова ѕвездичка“ стана јасно дека оваа малечка има потенцијал за високи дострели кој може многу естрадни ѕвезди да засени. Денес, деценија подоцна Антониа Гиговска е жена, мајка и чекор до кралица. Естрадна принцеза која блеска како најголема музичка ѕвезда од новата генерација, што го докажа и потврди и со синоќешната промоција ( 07.јуни 2026) на својот нов албум „Жена“.

Просторот на Сули Ан во Старата скопска чаршија кој ионака самиот по себе дише со историја, умно избран за нејзината промоција на долго очекуваниот нов материјал од пет нови песни, надополнет со веќе слушнатите 4 и сето тоа спакувано во албумот насловен по досега нејзиниот најголем хит кој ја издигна на пиедесталот.

Просторот внимателно уреден до детал, со стоечки маси и сценографија од бели завеси, цветни декорации и стаклени свеќници со свеќи кои горат, голем лед екран и мини сцена во амбиент кој дише со блискост и пријатна интима за најблиските пријатели, соработници, фамилијата, медиумите…

Во воведениот дел – ПРЕСС конференција за новинарите со прашања и одговори на пејачката во врска со новото издание и песните на него. По неа, фотосесија на Антониа со секој што ќе посака од званиците поканети на промоцијата, кои во меѓувреме со своите музички сетови ги забавуваше ДЈ Галоски, како и неколкуте улични артисти со своите перформанси и акробатски точки и изведби.

Официјалниот дел во улога на модератор го отвори во ТВ водителката Цеце Николова од утринската на Канал 5, по што тргна снимената видеоприказна од лед скринот, во која Антониа во вид на досетки ги раскажуваше највпечатливите и највозбудлеви моменти од снимањето на секоја од песните и спотовите на албумот.

Пото во духот на имиџот и аутфитот кој и го беше избрал нејзиниот моден дизајнер – Антониа ала Хелена од Троја, качена на подвижниот престол кој го носат неколку мажи, Гиговска пристигна на сцената. Откако ги поздрави пристутните и го кажа она што го подготвила, тргна видеопромоцијата на новите песни, секоја визуелизирана со видеоспот. По завршувањето на секоја од песните некогашната „задругарка“, ријалити учесничката Тара Симов со микрофонот в рака шеташе меѓу присутните званици, воглавно познати естрадни и ТВ лица со прашање поврзано со насловот на секоја песна.

За насловната – „Жена“, Антониа го повика својот сопруг Роберт кој седна на мини пијаното, па заедно во необична анплагд баладична верзија го изведоа на најголемиот хит на пејачката.

За крај, Антониа на сцената ја покани „фолк кралицата“ како што самата ја нарече Благица Павловска, за сите заедно да ја отпеат „Чукај, срце, чукај“.

Благица со својата говорна беседа ги измами аплаузите на присутните кои за цело време уживаа и во одлично осмислениот промотивен перформанс, како и во кетеринг коктелот кој се служеше на промоцијата.

Освен тоа, пејачката и нејзините спонзори се покажаа и како дарежливи домаќини, па и новинарите и присутните добија пакет подароци, кои што е најважно го содржеа во дигитална форма аудиоматеријалот од новиот албум на Антониа Гиговска.

Се’ на се’, Антониа Гиговска на необична промоција полна гламур и екстраваганција го претстави албумот „Жена“ од кој и самата таа и јавноста очекува да ја однесе уште поблизу до естрадниот трон, но и да и ги подотвори вратите во освојување и на регионалната естрада.
Фото: Вистина/antoniagigovskaa




