Мегафон Нераскажана историја за силувањето на Европа

Аида е силувана, но на суд не ја добива својата правда и од жртва се претвора во насилник: Дали „Утре наутро“ ќе биде подобро од денеска?

Аида е силувана, но на суд не ја добива својата правда и од жртва се претвора во насилник: Дали „Утре наутро“ ќе биде подобро од денеска?

Аида е силувана, но на суд не ја добива својата правда – и од жртва се претвора во насилник. Јоана е прогонувана од корумпираната политичка елита со моќ, за дела што ги направила во минатото – и од насилник се претвора во жртва. Двете жени бараат доволно причини, едната да замине, а другата да остане во земјата, полни со надеж дека утре наутро ќе биде подобро од денеска!?

Вака некако се одвива приказната во политичката драма во најновото филмско остварување на македонскиот сценарист и режисер Јани Бојаџи, насловено „Утре наутро“ чија премиера е закажана за 19-ти ноември 2025 во киното Синеплекс.

„Ова е приказна инспирирана од вистински настани кои се случиле меѓи 2014 и 2017 година. Плотот на приказната е фаталниот 27 април 2017 година и се занимава со прашањето што после тоа. Зборува за две семејства кои се соочуваат со последиците на одлуките кои ги носат т.н. глави на семејствата-татковците, мажи на извесна возраст од сите нации и религии во Македонија, неподготвени да се соочат со фактот дека последиците од  нивните одлуки најчесто ги сносат и нивните како и сите други семејства. Филмот е посветен на сите оние жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која се посветени“- ќе  рече на неодамнешната прес конференција Јани Бојаџи, режисерот и сценарист на филмот.

Бојаџи подвлече дека филмот се темели на актери, на актерската игра и смета дека центар на филмот е актерот и неговата човечност.

„Имав бескрајна среќа да имам во филмот актери со огромно човечко присуство. Ме интересира не само да се добри актери, туку и а се добри луѓе. Работевме 75 дена и навистина беше исклучително задоволство да се биде заедно“ –  рече Бојаџи и додаде дека  во филмот има преку 75 актери.

Извршниот продуцент Дејан Милошевски објасни дека почнале да снимаат серија и кога ја завршиле серијата сфатиле дека имаат филм.

„Освен филмот ќе има и серија со пет епизоди од по 55 минути. Премиерата на филмот ќе се одрѓи на 19 ноември во Синеплекс, а од 20 ноември ќе почне целосна дистрибуција низ Македонија, рече Милошевски и додаде дека во моментот имаат еден фестивал на кој ќе биде прикажан филмот.

Во филмот се говори на македонски, ромски и малку на англиски јазик. Актерите учеле ромски, имале наставници и актерките мошне добро го совладале јазикот што воопшто не се правела разлика кога говореле текстот на снимањето.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Нина Деан, Кети Дончевска Илиќ,  Ирена Илиевска, Васил Зафирчев… кој се осврна на соработката со Бојаџи:

„По ТВ серијата ‘Бистра вода’ ова ми е втора соработка со Јани Бојаџи, но овој пат со малку поинаков предизвик. Се само што за прв пат се сретнавме со убавината на ромскиот јазик и што требаше да изградиме ликови кои носат некаков поинаков сензибилитет што е многу автентичен како што е ромската заедница, ромската култура, традиција, начин на размислување, дејствување…“ – смета Зафирчев.

„Ромите во филмот се прикажани како истакнати членови на општеството, образовани и се избегнува стереотипот на бедата и сиромаштијата“ – кажа Бајрам Северџан кој исто така толкува еден од главните ликови.

Не заборавете премиерата на „Утре наутро“  е  е закажана за 19-ти ноември 2025 во киното Синеплекс. Можете  екслузивно да видите една од најважните сцени во видеото во продолжение:

Додека на линкот да го погледнете и официјалниот трејлер за филмот.

 

To top