Лепа Брена со емотивна објава и трогателна порака му го честиташе 64. роденден на својот сопруг Слободан Боба Живојиновиќ, потсетувајќи се на нивната повеќе од три децении долга љубовна приказна.
По повод 64. роденден на Слободан „Боба“ Живојиновиќ, Лепа Брена (65) на својот Инстаграм профил објави емотивна честитка која веднаш го привлече вниманието на нејзините следбеници.
Покрај серијата фотографии што ги прикажуваат нивните заеднички моменти низ годините – од почетоците на нивната врска, па сè до поновите денови – посебно место заземаа спомените од нивната свадба, која се одржа во 1991 година.
Најсилни емоции, сепак, предизвикаа зборовите што пејачката му ги упати на својот сопруг.
„Ти благодарам за секој миг во кој направи да се чувствувам сакано и почитувано. Не постојат зборови со кои можам да опишам колку сум благодарна што си дел од мојот живот“, напиша Брена, а објавата ја придружи со кратката порака: „Среќен роденден, љубов моја“.
View this post on Instagram
Објавата за кратко време собра илјадници лајкови, честитки и коментари, а бројни обожаватели уште еднаш истакнаа дека нивната долгогодишна љубов и меѓусебна поддршка им се вистинска инспирација.

Љубовната приказна на Лепа Брена и Боба Живојиновиќ започнала во 1986 година, по премиерата на филмот „Хајде да се волимо“. Нивната средба ја организирал менаџерот на Брена, Рака Ѓокиќ, а пејачката подоцна призна дека славниот тенисер го забележала уште пред официјално да се запознаат.

Двојката се венчаше на 7 декември 1991 година во хотелот „Интерконтинентал“ во Белград. На свадбата присуствуваа околу 600 гости, а поради огромниот интерес на јавноста, свеченоста беше пренесувана и на телевизија, поради што остана запаметена како една од најспектакуларните свадби на овие простори.
Во бракот ги добија синовите Стефан и Виктор, а Брена го прифати и Филип, синот на Боба од неговиот прв брак, како рамноправен член на семејството.

Освен приватниот живот, двајцата успешно градеа и заеднички деловни проекти, меѓу кои најпозната е продукциската куќа „Гранд продукција“.
Нивното семејство помина и низ тежок период во 2000 година, кога нивниот син Стефан беше киднапиран пред семејниот дом. По пет дена неизвесност, момчето беше вратено кај родителите, а семејството од безбедносни причини извесен период живееше во американската сојузна држава Флорида.






