Ричард Лојд, ко-основач и гитарист на бендот Television и музичар кој внесе виртуозност во суровата свирепост на панкот, почина на 75-годишна возраст, соопшти неговото семејство во саботата.
Семејството во соопштението наведе дека гитаристот починал во саботата наутро во својот дом во Чатануга, во американската сојузна државва Тенеси.
„Крај него во последните моменти беа неговата сопруга Шила, која силно ја сакаше, и нивниот пес Вили Мејс“, стои во изјавата на семејството за списанието Rolling Stone, додавајќи дека Лојд починал од колангиокарцином, рак на жолчните канали.
На Лојд му беше дијагностициран рак на жолчните канали во март 2026 година.
The Television беа клучен столб на легендарниот клуб CBGB во Њујорк и на раните панк и арт-рок сцени. Беа еден од најиновативните бендови од првиот бран на панкот, во голема мера благодарение на гитарскиот тандем кој го сочинуваа Лојд и фронтменот Том Верлејн.
Додека многу од нивните современици усовршија гласен, брз и жесток звук базиран на моќни акорди, Лојд и Верлен (кој почина во 2023 година) развија сложено преплетување на рифови и делници, без задршки се впуштаа во покомплексните музички сфери, инспирирани од џезот, арт-рокот, па дури и стилот на „џем“ бендовите.
Маестралното свирење гитара на Лојд и Верлејн беше основа на клучниот дебитантски албум на The Television, издаден во 1977 година. Тој албум, легендарниот „Marquee Moon“, му обезбеди на бендот место во пантеонот на панкот, иако целиот нивен опус, со тој наслов, се состоеше од само уште два студиски албума: „Adventure“ од 1978 година и „Television“ од 1992 година.
Во текот на својата кариера, Лојд објави уште седум албуми, меѓу кои и албум во живо – „Real Time“ од 1987 година; збирка необјавен материјал насловена „Lodestones“ од 2010 година; како и неговиот последен соло-албум, „The Countdown“ од 2018 година. Тој, исто така, редовно одеше на турнеи, работеше како студиски музичар – вклучувајќи настапи со Метју Свит и Џон Доу од групата „X“ – и држеше часови по гитара.
Иако Лојд учествуваше во повторното обединување на групата „Television“ во 1992 година, а подоцна повторно се приклучи на бендот на краток период во раните 2000-ти, тој си замина пред турнејата во 2007 година, организирана по повод 30-годишнината од албумот „Marquee Moon“. Во интервју за The Stranger, Лојд тогаш изрази незадоволство што бендот не се фокусираше на создавање нови дела; тој наведе дека, по објавувањето на истоимениот албум од 1992 година, членовите напишале и снимиле демо-верзии на осум песни, но дека од нив веројатно нема да произлезе ништо, бидејќи Верлејн „останал без текстови“.
Ричард Лојд е роден на 25 октомври 1951 година во Питсбург, во Пенсилванија, и раснел главно во Њујорк. Неговиот прв инструмент биле тапаните, но неговата фасцинираност од гитарата го навело да ги смени инструментите, одлука која на крајот беше под влијание на „халуцинантно искуство“.
„Моите тапани ја изгубија целата своја боја – токму како во Канзас во ‘Волшебникот од Оз’ – и сè стана сиво. Тапаните повеќе не звучеа како што треба, а потоа слушнав глас – аудитивна халуцинација – кој ми рече: ‘Мора да свириш некој мелодичен инструмент’“, напиша Лојд во своите мемоари од 2017 година „Everything Is Combustible“ („Сè е запаливо“).
Еден од првите гитарски партнери на Лојд беше Велверт Тарнер, музичар од Бруклин кој самиот ги развил своите гитартски вештини под менторство на Џими Хендрикс.
По напуштањето на средното училиште, Лојд се преселува во Бостон, каде што свири со блуз легендата Џон Ли Хукер.
Исто така, помина некое време патувајќи и живеејќи во Лос Анџелес, но на крајот се враќа во Њујорк и се вклучува во тамошната прото-панк сцена.
фото:Instagram printscreen/mr_r_lloyd






