Македонскиот артист и продуцент Darkoff е единствениот претставник од Македонија кој се најде меѓу 12-те финалисти за овогодинешната регионална награда „Милан Младеновиќ“, што ја доделува Фондацијата „Милан Младеновиќ“. Тој обезбеди место во финалето со композицијата „Чекор (Јас и ти)“, во исклучително силна конкуренција, бидејќи на годинашниот конкурс пристигнаа повеќе од 170 композиции од земјите од поранешна Југославија.
За изборот на финалистите одлучуваше регионално жири во состав: Павица Чабријан, Немања Ѓорѓевиќ, Лада Фурлан Заборац, Јован Матиќ и Ана Радоњиќ (Зое Кида). Избраните песни ќе бидат објавени и на промотивната ЦД-компилација на Фондацијата „Милан Младеновиќ“.
Покрај Darkoff (Македонија), во финалето се пласираа и: Жива (Словенија), Тинго (Србија), Тареј (Босна и Херцеговина), Покет Палма (Хрватска), Дуња Ѓоковиќ (Србија), Лелее (Словенија), Јелена Петошевиќ (Србија), Деминутив (Босна и Херцеговина),
Долорес feat. Ретроспектива (Хрватска), Милошев (Србија) и Жбаѓ (Србија).
Во следната фаза жирито ќе избере пет суперфиналисти, а добитникот на наградата „Милан Младеновиќ“ за 2026 година ќе биде објавен на 21 септември, на роденденот на легендарниот фронтмен на култната група ЕКВ, Милан Младеновиќ. Покрај престижното признание, победникот ќе добие парична награда од 3.000 евра, специјална статуетка, како и можност за настап на реномирани регионални музички фестивали.
фото:Drakoff






