Песната со која Ај Кју победија на Скопскиот фестивал во 2015та година е една од ретките во нивниот репертоар што досега немаше официјален запис.
Со текот на годините, „Убава“ на сосема природен и ненаметлив начин си го пронајде патот до публиката, станувајќи синоним за прв свадбен танц на многу вљубени парови.

Токму затоа, дуото одлучи оваа безвременска љубовна песна да ја круниса со видео запис составен од најубавите моменти од нивната свадба, која неодамна се оддржа на плажа во Грција, во хотелот Ал Маре.

Видео записот е на Марио Блажевски од Студио Белмондо, кој успеа автентично да ја долови љубовната приказна што ја инспирираше оваа песна и по повеќе од десет години да ѝ подари визуелна димензија каква што заслужува.






