Мегафон концерт за сите сетила

Адреналин и визуелно волшебство: Јован Јованов и Елвир Мекиќ со нивните гости понудија концертна магија од друга димензија!

Адреналин и визуелно волшебство: Јован Јованов и Елвир Мекиќ со нивните гости понудија концертна магија од друга димензија!

По неколкумесечни подготовки за настапот со видео ефекти, танчари на секоја песна, аероакробации, по 4 сменети аутфити за двајцата, Јован Јованов и Елвир Мекиќ на 06.06 го одржаа големиот концерт во Скопје.

И поставија нови стандарди за тоа како треба да изгледа концерт на еден македонски артист.  Речиси два часа пееја, танцуваа, беа активен дел од секоја кореографија, комуницираа со публиката, а и самите се забавуваа додека беа на бина.

Љубовта што ја добија од публиката додека ги пееја „Слаба точка“, Адреналин“, „Некаде после 2“, „Магија“, „Опасно“, „Ти ме сакаш знам“, „Итно ми требаш“… им ја вратија двојно на своите фанови, со секоја следна песна.

Арената Борис Трајковски беше преполна, и повеќето гости дојдоа облечени во бело, според дрес кодот и идејата на Јован и Елвир оваа ноќ да биде вистинска „сензација во бело“. Атмосферата дополнително се вжешти од енергијата со која тие владееја со сцената.

Се преоблекоа по четирипати, во костуми кои за нив специјално ги дизајнираше Андреј Папаз, а кои визуелно одлично се вклопија во целата концертна приказна. Визуелниот дел беше нагласен и со алките кои им беа поделени на посетителите на влезот во арената, а кои потоа ги менуваа боите во текот на концертот и ја боеја салата во црвена, зелена, сина, розова боја.

Настапот на танчарите од неколку танцови студија, на девојките и момците кои и преку аудиција беа избрани да играат со Јован и Елвир на концертот, но и танчарите дојдени од Белград, се уште еден доказ за професионалноста на целиот проект, каде секој момент беше испланиран до последната секунда.

Првпат на концерт на македонски артисти имаше и аероакробации, а девојките кои танцуваа во воздух, предизвикаа воодушевување кај публиката.

Сето ова, дополнето со гостите, кои се дел од музичката приказна на Јован и Елвир низ годините – Врчак, Адријан Гаџа, Маја Саздановска, Слаѓа Делибашич, Џус, Тони Зен и Пајак, ја врати публиката назад во времето, во 2000-тите и ја разбудија носталгијата кај повозрасните, но ги одведоа и помладите во времето во кое растеле нивните родители.

Фото: todor.picflow.com

To top