Оние повозрасните сигурно се сеќаваат на хитот „Слуга и цар“ од почетокот на 90-ите на групата „Коктел“ која кон крајот на годинава се врати на македонската музичка сцена. Во продукција на МРТ во него главната женска ролја ја глумеше тогаш многу познатата и популарна македонска манекенка и топ модел, Марија Радуловиќ.
Атрактивната кумановка во почетокот на 90-ите жареше и палеше на модната сцена, снимаше модни едиторијали, реклами и музички спотови, додека нејзините фотографии ги красеа насловните страници на најпознатите магазини и неделници.

Нејзината убавина и грациозност не остана незабележана и од некои странски модни агенции, па црнокосата убавица неретко имаше модни ангажмани и свои настапи и надвор од Македонија.

Марија беше ќерка на познатиот мајстор за гитари, сега покојниот Бранко Радуловиќ, кој рачно изработуваше уникатни парчиња на музички инструменти кои ги свиреа врвни мајстори на гитарата, меѓу кои и нашиот виртуоз Влатко Стефановски, а мајсторот од Куманово умееше да им подари и по еден примерок дури и на некои познати светски ѕвезди кои доаѓаа да концертираат во Mакедонија и регионот, како легендарниот Mark Knopfler од „Dire Straits“, на пример.

За убавата Марија тогаш се влечеа разни контроверзи, дека ја гледаат во друштво на сомнителни типови од македонското и српското подземје, како и аферата со наводниот „групњак со присила“ со претставници на силите за заштита на Обединетите нации на тогашните мировници, познати под името UNPROFOR, формиран за време на војните по распадот на некогашна Југославија. Иако за таа афера гласно се зборуваше во кулоарите, во јавноста никогаш ништо не се дозна и не излегоа никакви докази, ниту судско обвинение.

На прашањето дали и како тоа навистина се случило при едно нејзино гостување во некогашнотои популарно естрадно ток шоу „Евтини приказни“ со Антонио Димитриевски на МРТ, манекенката не сакаше да одговори на прашањето и во првиот момент стана и одлучи да го напушти студиото, но веднаш потоа се премисли и се врати на гостинското столче, ама сепак одби да зборува на за неа, очигледно ранливата и сензитивна тема.

Подоцна убавата манекенка и топ модел ја снема, односно како да се изгуби од очите на јавноста и како некаде да исчезна. Се зборуваше дека заминала да работи во странство, па едни велеа дека е во Белград, други во Турција.
За жал, по враќањето во родното Куманово се случи најлошто, најстрашното… Нешто што морничаво одекна во јавноста, дека Марија Радуловиќ си го одзела животот!

Според првичните информации на полицијата во таа 2009-та година, тогаш 36-годишната Радуловиќ се самубила со бесење на балконот во зградата во која живеела. По извршената обдукција по наредба на истражен судија, телото било предадено на семејството.

Се говореше дека безживотното тело на манекенката Радуловиќ го забележале случајни минувачи, како виси обесено на сајла од вториот кат на балконот на зградата во која живеела на улицата „Трета македонска ударна бригада“ во нејзиното родно Куманово.

И дента како и во деновите по нејзината трагична смрт се редеа разни приказни за причините на (само)убиството! Од тоа дека девојката имала сериозни психички проблеми, до тоа дека длабоко заглавила вои канџите на дрогата и останатите пороци, па се до теориите дека самата не си го одзела животот, туку тоа и го сторил некој друг.

Како и за се’ друго пред тоа поврзано за нејзиниот контроверзен живот, за трагичната смрт на Марија Радуловиќ јавноста никогаш ништо повеќе од штурото официјално соопштение и не дозна!
Фото: Екран-архива/Јутјуб принтскрин



