Младата кавадарчанка Тиана Димова ја претстави својата најнова песна „Манијак“ и го сними својот прв спот. Автор на песната е Јован Јованов, кој повторно ја докажа својата препознатлива способност за креирање хитови, а за убавината на финалниот звук допринесе Иван Јованов Iwayo. Моќниот спот е во режија на Гордан Божиновски и е објавен на YouTube каналот на познатата македонска продуцентска куќа Urban Records.

Таа е позната по своите настапи во живо кои секогаш ги полнат локалите. За кратко време го привлече вниманието на музичката јавност со својот моќен глас и впечатлива сценска енергија и веќе се издвојува како едно од најперспективните имиња на домашната сцена.
Долг период посакувала да сними видео запис, но открива и дека при првата средба со пијаното, кога имала само осум години, веќе знаела во кој правец ќе се движи нејзиниот живот.

– „Манијак“ го има местото во моето срце, а сега добива свое место и во срцата на публиката. Целиот тим даде многу енергија и искрено – пресреќна сум што имам песна и спот каков што замислував.
Долго настапувам и ја обожавам директната енергија од публика, но да се видам во спот, во свој филм и со свој звук… тоа е посебно чувство и нешто што ќе остане, вели младата кавадарчанка.

Раскажува дека нејзината приказна со музиката започнала рано, на неполни осум години, кога за првпат се нашла пред пијано и точно по еден месец го имала првиот настап, а на 12 години ја компонирала својата прва песна.

-Тој инструмент беше првиот мост кон светот кој подоцна ми стана живот. Не остана незабележан мојот афинитет кон пеењето, па природно преминав во вокалниот свет и многу набрзо почнав да пишувам текстови. На 12 години ја создадов мојата прва песна, а по неа следат бројни композиции за деца, кои се изведуваат секоја година на детскиот фестивал „Ластарчиња“. Веројатно од секогаш чувствував дека сцената ќе биде моето место. Токму затоа го избрав средното музичко образование, што ме образуваше во тоа што сум денес и ме направи повеќекратен државен и меѓународен првак во соло-пеење, вели Тиана.
View this post on Instagram
Појаснува дека иако со студиите се насочила на софтверско инженерство, музиката засекогаш и останала на прво место.

-Последните 8 години активно настапувам со својот бенд низ целата држава, а зад себе имам за мене многу значајни настапи на фестивали и манифестации како Макфест, Карпошово Лето, Гроздобер и многу други. На прашањето што следува, ќе одговорам дека сакам да создадам модерен звук по кој луѓето ќе ме препознаваат.
Работам, учам и секоја следна песна сакам да биде чекор повисоко. Јас сум спремна, а верувам дека е и публиката. Мојата цел како млад артист е да градам стабилна, професионална и современа кариера. Имам желба да создадам репертоар кој ќе ја следи мојата генерација, но и да донесам нешто ново на домашната сцена. Верувам во работа, во тим, и во тоа дека добрата музика секогаш си го наоѓа патот до луѓето, истакна Тиана.

Со својот автентичен стил и препознатлив вокал, младата кавадарчанка се наметнува како едно од најсилните нови имиња на музичката сцена. Со секое нејзино појавување таа носи свежина, самоувереност и возбуда, а нејзините настапи се сè почесто коментирани и споделувани на социјалните мрежи.
Извор:Вики.мк






