Промотер

Елена Андоновска ја претставува македонската традиција во ново руво во музичкиот видео проект – „Никнало цвеќе шарено“ (ВИДЕО)

Елена Андоновска ја претставува македонската традиција во ново руво во музичкиот видео проект – „Никнало цвеќе шарено“ (ВИДЕО)

Македонската етно-пејачка со златно грло – Елена Андоновска, на својот официјален YouTube канал го промовираше својот најнов и досега најобемен музички-видео проект под наслов „Никнало цвеќе шарено (видео приказна)“.

Проектот претставува исклучителна уметничка целина во која Андоновска, како што самата таа вели, вложила многу време, сила, енергија и огромна емоција. Станува збор за целосен студиски албум преточен во една голема и внимателно раскажана видео приказна, во која се вбројуваат повеќе познати и помалку познати македонски народни песни. Елена ги интерпретира на сопствен, автентичен и длабоко чувствителен начин, со што повторно ја докажува својата музичка уникатност и посебност на домашната сцена.

За реализацијата на проектот била ангажирана Moonlight продукција, под чија координација работеле врвни професионалци. Продуцент и сценарист на видео приказната е Марјан Андоновски, режијата и монтажата ги потпишува Димитар Сеизов, како директор на фотографија се јавува  Дарко Елек, додека сниматели биле  Петар Јованов и Андреј Неделковски.

Аудио страната на проектот е изведена со несомнена прецизност од страна на музичкиот продуцент Ангел Ќосев во неговото музичко студио „Подрумот“.

Сите заедно создале продукт кој изгледа и звучи светски, професионално и уметнички впечатливо. Промоцијата на „Никнало цвеќе шарено“ доаѓа точно еден месец пред големиот солистички концерт на Андоновска, кој ќе се одржи на 15-ти декември во Македонската опера и балет.

Со овој проект, Елена уште еднаш потсетува зошто е едно од најценетите имиња во македонската народна-етно музика – нејзината изведба допира, а визуелната приказна ја прави оваа колекција од десет народни песни уште подоживеана. Видео-приказната се гледа во еден здив, оставајќи впечаток дека традицијата може да звучи модерно, моќно и неизмерно емоционално.

Во продолжение, со задоволство ве покануваме да ја погледнете целата видео приказна и да уживате во магијата на македонската народна музика преку гласот на Елена Андоновска.

To top