Радио Милева штркот повторно слета

Македонската пејачка стана мајка… по втор пат: Девана Ѓорѓиевска Нардели по ќерката Лада, на свет го донесе и малиот Ахил

Македонската пејачка стана мајка… по втор пат: Девана Ѓорѓиевска Нардели по ќерката Лада, на свет го донесе и малиот Ахил

Македонската пејачка Девана Ѓорѓиевска, попозната како Девана Нардели  по втор пат стана мајка. Таа деновиве ( на 18. мај 2025) се породи на скопската Клиника за гинекологија и акушерство и на свет донесе здраво машко дете.

Среќната мајка на својот Инстаграм веднаш сподели фотографии на кои делумно се гледа лиценцето на малечкиот, а во исто време во описот на истите го обзнани и името кое нејзиното синче го добило, а тој ќе се вика Ахил. Дали како што налага нашата семејна традиција го наследил името по некој од повозрасните членови во семејството или можеби по епскиот антички лик од грчката митологија, остана непознато. Но сеедно, тоа не е ни толку важно, колку што е голема радоста на среќните родители.

 

Инаку, ова е второ дете на Девана која покрај  професионалните ангажмани и обврски како пејач во Македонската опера и балет, наоѓа време паралелно да и се посвети и на онаа другата своја музичка кариера како кафеанска и клубска пејачка.

 

Имено, таа пред пет години на свет го донесе своето првороденче, ќеркичката Лада.

Интересно е тоа што таа тогаш во деветиот месец од бременоста отишла на одмор во Охрид, а непосредно потоа се породила.

„24 часа по овие факман-трудноохридски слики, 24 часа по одлуката со стомак до заби да не одиш со кајче релација Биљанини – Канео – Биљанини, туку да се размрдаш пеш и 24 часа по јадење кубанска телетина и ориз, свеж лук со сол, чоколадна торта со пина-колада (еднаш неделно дозволено во бременост), добиваш поклон во форма на мало човече, кое не го покажувам се уште, суеверие, 40 дена да пројдат“ – напиша тогаш пејачката, која сега пак, по породувањето со второто дете  постапи сосема спротивно од тогашното уверување и веднаш го покажа бебето.

Но, затоа пак Девана остана доследна на ветувањето дадено при првата рожба кога задоволна од третманот на гинеколозите и акушерките во ГАК јавно изјави:

„Неизмерна благодарност до ГАК за професионалноста и посветеноста, уште 5 деца да родам, нема да се двоумам за изборот на клиника“…

И не се двоумеше… И сега, кога штркот по втор пат долета во нејзиното семејно гнездо! Нека е со среќа, да е жив и здрав малечкиот Ахил!

Фото: Инстаграм и Фејсбук/Devana/devanainsta

 

 

To top