И после повеќе од две децении и кусур кариера, Панчо и Андреј од ДНК, по кој знае кој пат покажаа дека популарноста не ги „расипала“. Не „летнале во облаци“, воопшто не се вообразиле, карактерно не се измениле, останале цврсто на земја во поглед на многу нешта. Најмногу во есенцијалната карактерна особина да се биде и остане човек. без оглед кој си и што си, колку се славен, популарен, што работиш, колку имаш или немаш.
Сцената и настапите се едно, песните, видеата и хемијата со публиката останува во доименот на нивната животна професионална определба, а приватноста е сосем друга работа… Особено кога не си на сцена, туку ќе се најдеш случајно меѓу обичните луѓе.
Една таква случајна средба на двајцата членови на ар ен би дуото со група дами во позрели години се претвори во вистинска феша. Случајните случки секогаш остануваат во најдраг спомен, особено ако налеташ на пријателски расположени сограѓанки, како во случајот, кои веднаш ги препознаа популарните естрадни уметници и посакаа да се запознаат со нив.
Женското друштво секогаш годи, особено ако е составено од дами кои ниту тие, ниту вие немате прилика баш секојдневно да ги среќавате. А кога средбата од случајна ќе се претвори во срдечна, песната доаѓа нешто како шлаг на тортата!
Имено, ДНК тргнаа да снимаат нов видеоспот во скопската населба Илинден, па на групата пензионерки им го разубавија денот.
„Да се има баба е благослов. Денес снимајќи видео за ДНК случајно се сретнавме со група пензионерки од Илинден кои не замолија да им испееме некоја македонска песна и еве го резултатот. Ние им го разубавевме денот, но и они нас, а веруваме дека ќе ви го разубават и на вас.
За да се сподели љубов и среќа не се потребни пари, треба само да си човек“ – споделиле на социјалните мрежи Андреј и Панчо покрај видеото на кое им исполнија музичка желба на нивните повозрасни обожавателки.
Песната не беше ниту една од репертоарот на ДНК. За веселите и распеани пензионерки следуваше акустична анплагд изведба во живо на познатата македонска песна што во тој момент имаше некоја чудна моќ – „Не кажувај либе добра ноќ“.
Можеби не се во цутот на младоста, ама затоа покажаа дека љубовта е подеднакво важна секогаш, па и во таканареченото „трето доба“! ДНК во манирот на „улични трубадури“ и дамите пензионерки покажаа како изгледа да се пее заедно, без претходно да се проба.
Фото и видео: Фејсбук/DNK