Мегафон

„NEXT TIME“ во „НИШТО ЛИЧНО“: Од тинејџерска идоли, преку Евровизија, до национални музички херои на големата концертна сцена

„NEXT TIME“ во „НИШТО ЛИЧНО“: Од тинејџерска идоли, преку Евровизија, до национални музички херои на големата концертна сцена

Постојат музички приказни кои почнуваат со голем план, со амбиција за слава и со јасно зацртана цел. Но постојат и такви кои почнуваат многу поскромно – со двајца браќа, детска љубопитност, љубов кон музиката, гитара, гаража и сонот дека еден ден нивните песни ќе ги пее цела публика.

Токму таква е приказната на Мартин и Стефан Филиповски, идентичните браќа близнаци кои македонската музичка сцена ги запозна како NEXT TIME.

Од момчиња кои во тинејџерските години станаа идоли на една генерација, преку фестивалските победи, огромната популарност, Евровизија и турбулентните моменти во кариерата, до музичкиот пресврт со македонските изворни песни, Next Time изградија препознатлив музички идентитет кој ги надмина границите на класичниот поп-рок.

Денес, по 18 години заедничка кариера, зад нив стојат три студиски изданија, бројни хитови, концерти, музички експерименти, но и искуства кои ги обликувале не само како артисти туку и како луѓе. А нивната приказна има многу повеќе поглавја отколку што можеби знае публиката.

Детството, маалските денови и првите музички соништа

>Мартин и Стефан Филиповски се родени во Скопје, а детството го поминуваат во семејна средина во која растат како двајца неразделни браќа, но и како личности со сопствени карактери, интереси и темпераменти

Основното образование го завршиле во училиштето „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче. Детството, како што самите раскажувале во интервјуа, не им било исполнето само со музика. Напротив, биле деца кои сакале да бидат надвор, да играат фудбал, да се дружат со другарите и што помалку да седат дома.

Интересно е што музичката приказна на близнаците почнува многу рано. Уште во 1996 година, кога биле деца, настапиле на фестивалот „Златно славејче“ со песната „Фудбалер и кошаркар“. Тоа е еден од нивните први документирани јавни музички настапи, но не и моментот кога ја откриваат сопствената музичка определба.

Со текот на годините, интересот сè повеќе се насочува кон рок-музиката, гитарите, бендовите и живите настапи. Стефан особено ја развива љубовта кон пеењето, додека Мартин се насочува кон гитарата. Нивниот музички вкус не се формира преку формално музичко образование. Напротив, двајцата во голема мера се самоуки. Мартин ја совладува гитарата, а Стефан постепено го гради својот вокален израз.

Подоцна, ќе откријат и дека нивната фасцинација со рок-музиката била силно поврзана со бендовите и изведувачите кои ги слушале во младоста, меѓу кои посебно место имал Брус Дикинсон од Iron Maiden.

Пред да станат Next Time, тие веќе имаат искуство со свирење во гаражни бендови. Еден од нивните претходни музички состави бил Carwash Band, во кој настапувале со други музичари.

Така, пред да се појават под името кое подоцна ќе стане еден од најпрепознатливите македонски музички брендови, Мартин и Стефан веќе имаат поминато низ првите проби, свирки и музички експерименти.

Јован Јованов – човекот кој го препозна нивниот потенцијал

Еден од најзначајните моменти во раната кариера на близнаците е запознавањето со композиторот, продуцент и автор Јован Јованов. Токму тој го препознава потенцијалот на двајцата млади музичари и им помага да направат премин од гаражно свирење кон професионална музичка продукција.

Во почетокот на 2008 година се формира Next Time, а со потпишувањето со Plan B Production започнува и нивната сериозна професионална кариера. Првата песна со која се претставуваат пред пошироката јавност е „Не верувам во тебе“, објавена во мај 2008 година.

Песната е создадена во соработка со Јованов, кој го потпишува продуцентскиот дел, додека текстот е дело на членовите на Next Time. Успехот доаѓа исклучително брзо. „Не верувам во тебе“ станува голем хит, а нивниот прв видеозапис дополнително го привлекува вниманието на публиката.

Следуваат „Ме мислиш ли?“, „Ме остави сам да живеам“ и „Без тебе тивко умирам“.Секоја нова песна го зголемува интересот за нив, а нивниот музички стил, изглед и сценска енергија ги издвојуваат од останатите изведувачи. Тука започнува и приказната за Next Time како тинејџерски музички феномен.

Од фестивалски откритија до тинејџерски идоли

2008 година е година во која Next Time буквално се пробиваат на македонската музичка сцена. Нивниот прв фестивалски настап е на „Ѕвездена ноќ“, во јуни 2008 година, каде со песната „Ме мислиш ли?“ ја освојуваат наградата за летен хит на годината. На „Охрид фест“ добиваат признание за најдобар нов изведувач со песната „Ме остави сам да живеам“.

Но вистинската фестивалска потврда доаѓа на „Макфест“. Со „Без тебе тивко умирам“ победуваат во втората полуфинална вечер, а во финалето го освојуваат второто место, со само три поени помалку од победничката песна. За исклучително краток период, Next Time стануваат омилени кај младата публика.

Нивните песни се пеат во училиштата, на родендените, на забавите, а браќата почнуваат да добиваат внимание какво што дотогаш ретко добивале млади македонски музичари. Не станува збор само за музичка популарност. Тие стануваат препознатливи лица, со армија млади обожаватели, особено девојки кои ги следат нивните настапи и јавни појавувања.

На 16 декември 2008 година го објавуваат и својот прв истоимен албум „Next Time“, со вкупно 13 песни. Меѓу нив има и две бонус-изданија на странски јазици, „Why Did You Go“ на англиски и нивна интерпретација на италијанската класика „Caruso“. Така, во период од само неколку месеци, од релативно непознати млади музичари се претвораат во едни од најбараните имиња на македонската естрада.

Евровизија 2009 – најголемиот предизвик на младата кариера

Ако 2008 година е годината на нивното раѓање како музички бренд, 2009 година е годината во која Next Time добиваат можност да ја претставуваат Македонија на најголемата европска музичка сцена.
На националниот избор за Евровизија, одржан преку „Скопје фест“, настапуваат со песната „Нешто што ќе остане“. Браќата ја освојуваат конкуренцијата и стануваат македонски претставници на 54. издание на Евровизија, одржано во Москва, Русија.

Тогаш се уште многу млади, но на нивните плеќи се наоѓаат очекувањата на целата македонска јавност. Настапуваат во првата полуфинална вечер и завршуваат на 10. место, со што не успеваат да обезбедат пласман во големото финале. Сепак, искуството од Москва е значајно поглавје во нивниот живот и кариера.

По Евровизија следува и нивниот прв голем самостоен концерт во Универзалната сала во Скопје – концерт кој е особено важен затоа што ја потврдува нивната популарност и надвор од фестивалските настапи. Во тој период, браќата веќе не се само тинејџерските миленици на публиката. Тие се едни од најпрепознатливите млади музички изведувачи во Македонија.

План Б продукција, Кристијан Стефановски и турбулентните моменти

Зад нивниот професионален подем во првите години стои и менаџерската и продукциската поддршка на Plan B Production, поврзана со Кристијан Стефановски. Соработката е важен дел од периодот во кој Next Time го градат својот имиџ, објавуваат песни, снимаат видеозаписи, настапуваат и добиваат сè поголема популарност.

Но, како што често се случува во музичкиот свет, професионалните партнерства не се секогаш без разидувања. Во подоцнежниот период нивната соработка се прекинува, а односите меѓу страните се тема на интерес во јавноста.

Што точно се случило, дали станувало збор за различни професионални визии, финансиски несогласувања, менаџерски одлуки или нарушена лична доверба?

Големите планови за регионална кариера и приказната со Боки 13

Во периодот кога Next Time се на врвот на популарноста, нивните амбиции не се ограничени само на домашната сцена.

Како и голем број македонски изведувачи, и тие размислуваат за поширок регионален пробив, особено на српскиот пазар, кој е значаен за развојот на една поп-рок кариера на Балканот. Во таа приказна влетува и Бојан Јовановски – Боки 13, со кого во одреден период се поврзува нивната професионална комуникација и амбициите за регионално позиционирање.

Што точно било договорено, какви биле плановите, дали имало конкретни обиди за пробив во Србија и зошто евентуалното партнерство не продолжило?

како и да е Боки 13 и години подоцна останува присутен во нивниот поширок јавен круг. Во 2025 година, на пример, им ја честитал свадбата на Стефан и Тинеа.

 Вториот албум – „На крајот од денот“ и созревањето на бендот

По почетната еуфорија, фестивалските успеси и Евровизија, Next Time продолжуваат да работат на сопствениот музички израз. Во 2011 година го објавуваат вториот авторски албум „На крајот од денот“, создаден во соработка со Лазар Цветковски.

Ова е значаен момент затоа што браќата постепено излегуваат од рамката на младите момчиња кои се прославиле со неколку хитови и почнуваат да го градат својот подолгорочен музички идентитет. Нивниот звук е поп-рок, со рокерски влијанија, мелодичност и балади. Во овој период станува сè поочигледно дека Next Time сакаат да бидат повеќе од моментална тинејџерска сензација.

Меѓутоа, музичката сцена се менува, се појавуваат нови трендови, а и самите тие влегуваат во период на преиспитување на својата кариера.

 „Ја излези Ѓурѓо“ – песната што им ја промени кариерата

Ако постои песна која може да се нарече пресвртница во кариерата на Next Time, тогаш тоа несомнено е „Ја излези Ѓурѓо“. Кон крајот на 2014 година, браќата се наоѓаат во период во кој, според нивните сопствени зборови, нивната кариера донекаде стагнирала.

Македонската музичка сцена минува низ период на промени, а тие бараат нова насока, нешто што ќе ги врати во центарот на вниманието, но истовремено ќе им овозможи да создадат нешто автентично. Идејата не започнува во големо студио, ниту на некој деловен состанок.

Стефан раскажува дека дома често ја свирел „Ја излези Ѓурѓо“ на свој начин. Еден ден одлучил да ја сними својата интерпретација на компјутер, за да слушне како звучи. Кога Мартин ја слушнал снимката, ја зачувал на USB и подоцна  ја пуштил на нивната пријателка, актерката Власта Божиновска. Нејзината реакција била позитивна, а таа дури изразила желба да се појави во видеоспотот доколку решат да ја снимаат песната. Така почнува приказната за еден од нивните најголеми музички успеси.

За аранжманот се обраќаат кај Николче Мицевски. Стефан имал јасна замисла – песната да звучи како филмска музика, инспирирана од атмосферата на филмовите „Гладијатор“ и „Храбро срце“. Мицевски успева да ја претвори таа идеја во моќен музички аранжман, во кој традиционалната македонска мелодија добива современа, драматична и рокерска димензија. Резултатот е песна која не само што станува огромен хит туку и отвора сосема ново поглавје во нивната кариера.

Видеозаписот достигнал повеќе од милион прегледи на нивниот YouTube канал и станал едно од најпрепознатливите изданија на Next Time. Но, можеби најважниот успех е тоа што песната ја прифаќаат различни генерации – од младите до повозрасната публика. Токму овој момент им покажал дека македонската изворна музика може да добие сосема поинаква звучна слика, без да ја изгуби својата душа.

Од „Ѓурѓо“ до „Мајка“

По успехот на „Ја излези Ѓурѓо“, Next Time не се откажуваат од новооткриениот музички правец. Напротив, постепено почнуваат да го градат својот препознатлив репертоар од македонски изворни и традиционални песни, преработени во поп-рок манир.

Следуваат:

„Нешто ќе те питам бабо“

„Слушам кај шумат шумите“

… и други преработки на традиционални и патриотски песни.

Она што е важно е дека браќата не ја доживуваат оваа музика само како начин да постигнат комерцијален успех. Забележува дека сакаат да создадат звук кој ќе ги поврзе традицијата, националниот музички идентитет и современата продукција. Во случајот со „Нешто ќе те питам бабо“, дури и самите биле изненадени од различните реакции кои ги предизвикала песната. Се појавиле и политички толкувања, особено поради присуството на тогашниот премиер на промоцијата. Но, нивната намера била песната да ја слушаат сите, а не да бидат поврзани со одредена политичка страна.

Посебен момент е и албумот „Мајка“, објавен во 2022 година, со кој нивниот нов музички концепт добива заокружена форма. За него организираат промоциија на која, според нивните изјави, присуствувале повеќе од 1.200 луѓе. Николче Мицевски, дефинитивно станува еден од најважните соработници во оваа фаза од нивната кариера.

Национални херои, патриоти и полемики околу музичкиот израз

Со нивните преработки Next Time постепено добиваат и поинаква јавна перцепција. Од поп-рок дуо кое ги освојуваше тинејџерските срца, тие стануваат изведувачи кои сè почесто се поврзуваат со македонскиот идентитет, традицијата и патриотската музика.

Песните не се само музички преработки. Тие добиваат визуелна приказна, моќни видеозаписи, препознатливи симболи и сценски настапи кои кај публиката предизвикуваат силни емоции.

Браќата внимателно ја градат оваа естетика, а нивниот избор на песни покажува дека сакаат да ја доближат традиционалната музика и до младите генерации. Но, како и секој артист кој се одлучува да работи со песни што имаат силна историска и национална конотација, се соочуваат и со различни коментари, толкувања и критики.

И покрај тоа, уникатбноста на нивната музичка особеност е суштината на која се темели нивниот успех: Традиционалната мелодија ја задржува препознатливоста, но интерпретацијата добива современа енергија.

Евровизија и Наум Петрески – старата приказна повторно ја отвори „Пандорината кутија“

Едно од најинтересните поглавја во нивната понова медиумска приказна е повторното отворање на темата за Евровизија и нивното претставување на Македонија во 2009 година.

По повеќе од 17 години од московското искуство,  реагира со свој  коментари Наум Петрески во едно претходно гостување на поткаст.

Наводно Наум  на некој начин „ја омаловажил“ песната „Нешто што ќе остане“, споредувајќи ја со песната со која тој и Калиопи настапија на истиот евровизискиот избор.

Стефан особено  му забележува на Наум за коментарите дека со таква песна не се оди на Евровизија и дека нивната композиција не била доволно силна за европската сцена.

Неговиот одговор е прилично директен.

Тој потсетува дека песната и денес се пее на свадби и дека останала препознатлива кај публиката, додека наводите на Наум за резултатите од тогашниот избор ги оценува како неточни.

Сепак, Стефан  го смета наум за еден од најдобрите пејачи во народната музика, иако не се согласува со неговите оценки за работата на Next Time.

Ова е интересен судир на две различни музички генерации и два различни музички света – традиционалната народна музика и стилизираниот современ поп-рок израз.

Сепак, станува збор само за јавна реакција на Стефан, а не и за  лична кавга или траен приватен конфликт меѓу двајцата пејачи.

Приватниот живот – две љубовни приказни и љубов на дистанца

Иако со години се присутни во јавноста, Мартин и Стефан релативно внимателно ќе го чуваат својот приватен живот. Сепак, последните години донесоа неколку убави семејни моменти кои ја открија и нивната поинаква, посентиментална страна.

Мартин е во брак со познатата македонска ракометарка Андреа Белеска. Нивната љубовна приказна добива официјална потврда со свршувачката во септември 2022 година, кога Мартин ја запросува Андреа на својот роденден, на 20 септември. Во јуни 2023 година следува свадбената церемонија. На 23 октомври 2024 година нивното семејство се проширува со раѓањето на ќерката Лиана. Оттогаш, малата Лиана станува централна фигура во нивниот семеен живот, а Стефан не ја крие приврзаноста кон својата внука.

Љубовната приказна на Стефан е поинаква, но подеднакво интересна. Тој ја запознава Тинеа на свадба кај близок пријател во Виена. Интересно, нивната врска не започнува веднаш, бидејќи во тој период и двајцата биле во други партнерства. Вистинската комуникација започнува за време на пандемијата, кога Тинеа ги додава Стефан и Мартин на Инстаграм.

Нивната љубовна врска со години функционира на релација Скопје – Виена. Стефан отворено признава дека дистанцата е голем предизвик и дека патувањата, разделбите и повторните средби бараат многу трпение, доверба и љубов. Особено романтичен е моментот кога открива дека еднаш ненадејно купил авионски билет и се појавил пред нејзината врата во Виена. Ја запросува во Бад Гастејн, во Австрија, а на 19 јули 2025 година се венчаат во Скопје, во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“.

И нивниот свадбен прв танц е посебен – дует на „Vivo Per Lei“ од Андреа Бочели и „Everything I Do, I Do It for You“ од Брајан Адамс. Нивната љубов и понатаму е поврзана со релацијата Скопје – Виена, каде што Тинеа живее и работи.

Семејната приказна – не се само двајца, ниту  тројца браќа, туку четворица!

Една од понеочекуваните детали за семејството Филиповски беше откриена во октомври 2026 година. Во јавноста одамна е познато дека Мартин и Стефан имаат постар брат Филип. Но, во разговорот тие откриваат дека семејството има уште еден брат – Горан Филиповски, за кого многу малку се знаело во јавноста.

Тука доаѓа и важна исправка на семејниот податок: Горан е од првиот брак на нивниот татко. Стефан низ смеа открива дека лозата на Филиповци е голема, а Мартин ја потврдува информацијата за семејното потекло на нивниот брат.

Иако тие двајца се идентични близнаци и со години функционираат како музички тандем, очигледно е дека меѓу нив постојат и многу различни карактерни црти.

Враќање на старите музички патеки – соработката со Слаткаристика

По години во кои доминираа преработките на изворни македонски песни, кај Next Time се забележува желба за повторно враќање кон авторскиот поп-рок звук со кој ја започнаа кариерата. Тоа не значи откажување од патриотскиот репертоар, туку обид за повторно воспоставување рамнотежа меѓу различните музички лица на бендот.

Во оваа фаза се отвора простор и за нови музички соработки, меѓу кои и онаа со Слаткаристика. Соработката е интересна и поради различните музички светови од кои доаѓаат изведувачите – рок-ориентираниот Next Time и урбаниот рап-израз на Слаткаристика.

За Next Time тоа е уште еден начин да покажат дека не сакаат да останат заробени во еден жанр. Тука е и нивната желба повторно да создаваат авторски песни кои ќе го вратат вниманието кон поп-рок музиката.

 „Години“ – нова песна, нова енергија и обновена соработка со стариот менаџер

Во октомври 2026 година Next Time ја претставуваат песната „Години“, со која симболично отвораат ново поглавје во својата кариера. Песната е создадена во соработка со Лазар Цветковски и Магдалена Цветковска, а видеозаписот го режира Stedy Flow.

За разлика од нивните патриотски преработки, „Години“ е позитивна љубовна песна, посветена на трајната љубов, верноста и заедништвото.  Песна која носи порака дека вистинскиот мангуп е оној што знае да ја вреднува жената, а не да ја омаловажува.

Песната е и дел од новиот период во кој браќата повторно се враќаат кон нивниот препознатлив поп-рок идентитет. Паралелно со тоа, значајно е и обновувањето на соработката со Кристијан Стефановски.

По сите години, промени, професионални разидувања и различни животни фази, ова повторно партнерство претставува еден вид затворање на кругот што започнал уште во 2008 година.

18 години кариера и најголемиот концертен предизвик досега

Сè што се случувало во нивната кариера досега води кон еден од најголемите концертни предизвици на Мартин и Стефан Филиповски – големиот концерт на 27 ноември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Настанот е замислен како музички пресек на нивните 18 години кариера, но и како претставување на различните музички лица на Next Time. На публиката ѝ најавуваат две големи музички целини. Првиот дел ќе биде посветен на нивните авторски поп-рок песни, со нови и посовремени аранжмани.

Вториот ќе го опфати нивниот препознатлив патриотски и етно репертоар. Особено значајни се најавените музички гости:

  • Синтезис – кои ќе бидат дел од етно-музичкиот сегмент.

  • Антониа Гиговска – која ќе настапи со Next Time во поп-рок делот, меѓу другото и на песната „На крајот на денот“.

На концертот се најавуваат и изведби на песни од Владо Јаневски, како и посебна изведба на „Што и да е ќе помине“. Браќата сакаат концертот да биде и визуелен спектакл, со посебна сценска приказна и професионално снимање.

Ова не е само уште еден концерт во нивната кариера. Тоа е можност да се сретнат сите нивни музички генерации – оние што ги слушале во 2008 година, оние што ги откриле преку „Ја излези Ѓурѓо“ и новата публика која ги запознава преку актуелните изданија.

 NEXT TIME – нешто што ќе остане или нешто што допрва доаѓа?

Кога ќе се погледне целата приказна на Мартин и Стефан Филиповски, станува јасно дека нивната кариера не е линеарен пат на постојан успех. Имало моменти на огромна популарност, периоди на стагнација, музички експерименти, нови почетоци, професионални несогласувања, лични предизвици и повторно враќање на сцената.

Од гаражните свирки и Carwash Band, преку Јован Јованов, Plan B Production, „Не верувам во тебе“, „Без тебе тивко умирам“, Евровизија и Универзалната сала, па сè до „Ја излези Ѓурѓо“, „Мајка“, „Години“ и арената „Борис Трајковски“, Next Time поминаа пат што ретко кој домашен изведувач го поминува.

Можеби најголемата нивна предност е токму фактот што се двајца браќа кои и покрај различните карактери, животни околности и музички размислувања успеале да останат заедно во истиот проект.

Денес Мартин е сопруг и татко, Стефан е сопруг, а нивните приватни животи се поделени меѓу семејните обврски, патувањата, Скопје и Виена. Но, музиката останува заедничката точка.

И можеби најважното прашање по 18 години кариера не е колку хитови имаат создадено, колку прегледи имаат нивните видеозаписи или колку луѓе ќе собере нивниот концерт.

Туку дали Next Time повторно ќе успеат да ја изненадат публиката со нова музика, а истовремено да ја задржат онаа енергија со која пред речиси две децении ги освоија македонските тинејџери?

Едно е сигурно: Мартин и Стефан Филиповски одамна не се само близнаците од „Не верувам во тебе“. Тие се музички бренд кој успеа да ги спои рокот, традицијата, патриотската емоција и современиот македонски музички израз. А нивната приказна, барем според најавите, сè уште не го кажала последниот збор… Приказна што Мартин и Стефан Филиповски ќе ја раскажат во своето гостување во новото издание на интер ток шоуто „НИШТО ЛИЧНО“ кај Антонио Димитриевски.

Премиерата оди вечерва, СРЕДА,  11-ти ноември  со почеток во 20.00 часот,  ексклузивно само на YouTube каналот на КурирМК (

Фото: Фејсбук и Инстаграм/nexttimeband

To top