Познатата актерка Селма Блер предизвикала сериозен инцидент во авион на лет за Њујорк, откако физички ги нападнала членовите на екипажот и се обидела да ја отвори вратата на леталото додека било во воздух.
Според информациите на американскиот портал TMZ, две стјуардеси пријавиле повреди за време на инцидентот, а една од нив е пренесена во болница.
Холивудската актерка Селма Блер е уапсена по инцидентот на летот на компанијата „Делта ерлајнс“ за њујоршкиот аеродром „Џон Ф. Кенеди“, бидејќи, според наводите на американските медиуми, насрнала на членовите на екипажот и се обидела да ја отвори вратата на авионот во тек на летот.
Според пишувањето на порталот TMZ, инцидентот се случил во неделата, а ситуацијата ескалирала кога актерката наводно физички нападнала две стјуардеси. Едната, како што се тврди, ја удрила, додека другата ја каснала. Медицински персонал бил побаран да го почека авионот по слетувањето поради пријавените повреди. Според информациите кои ги објави TMZ, двете членки на екипажот пријавиле повреди, вклучувајќи крвавење од носот и траги од каснување, а едната е пренесена во болница.
Блер по слетувањето била приведена, а потоа однесена во болница на медицинска процена. Според медиумските извештаи, инцидентот го истражува ФБИ. Се наведува и дека актерката за време на приведувањето наводно со главата удрила во преграда во авионот.
Нејзиниот претставник изјави за TMZ дека актерката доживеала итна медицинска ситуација која довела до опишаното однесување. Според неговите зборови, по слетувањето веднаш ѝ била укажана итна медицинска помош и моментално е во стабилна состојба. Засега не е објавено што ја предизвикало здравствената криза, ниту дали против актерката ќе бидат покренати кривични пријави.
Ова не е првпат Селма Блер да се најде во центарот на вниманието поради инцидент во авион. Актерката во 2016 година, по вознемирувачки настан за време на лет, беше изнесена од авион на носила.
фото:Freepik/ instagram printscreen/selmablair







