Сузана Манчиќ, легендарната српска водителка која многумина ја паметат како најпознатата лото-девојка, ужива во новата животна улога. Откако стана баба, не крие колку е среќна, а сега на социјалните мрежи сподели и фотографија со својот внук.
На Инстаграм објави фотографија од ресторан, на која насмеана позира покрај детската количка, а во описот кратко напиша:
„Мојот внук и јас“.

Мијат е син на нејзината постара ќерка Теодора, а водителката претходно отворено зборуваше за тоа како семејството се приспособува на доаѓањето на новиот член. Иако е пресреќна поради приновата, призна дека веднаш ѝ ставила до знаење на ќерката дека поради сопствените обврски нема секогаш да може да ѝ биде на располагање.
„Ќерка ми е одлично, се снаоѓа. Ѝ ја отворив тетратката со моите обврски и ѝ реков дека нема да има многу помош од мајка ѝ“, раскажала водителката.
Призна и дека, по толку години, грижата за мало дете повторно ѝ е донекаде непозната. Сепак, подготвена е да учи и да го почитува начинот на кој нејзината ќерка го воспитува синот.
„Не се плашам да го земам внукот в раце, многу е сладок, но ми се чини дека сè сум заборавила. Одамна бев млада мајка. Денес важат некои други правила, сè се променило. Ја слушам Теодора и ѝ велам: ‘Сè ќе направам како што ќе кажеш ти’“, открила таа.
Раскажала и како изгледаат нивните заеднички моменти, признавајќи дека посебната поврзаност меѓу бабата и внукот допрва се развива.
„Јас му зборувам, тој ме гледа и мене ми е убаво. Сигурно во своето главче си мисли: ‘Која е оваа жена, што ми зборува?’“, рекла Сузана, која верува дека со текот на времето ќе биде сè поприврзана за малиот внук.
Се присетила и на помошта што самата ја имала додека нејзините ќерки биле мали. Тогаш голема поддршка ѝ давале мајка ѝ и свекрвата, а денес истакнува колку е горда на двете ќерки.
Открила и дека живее со помладата ќерка, со која ги дели секојдневните домашни обврски, додека Теодора му се посветила на мајчинството.
Судејќи според нејзината најнова објава, Сузана навистина ужива во новата семејна улога.







