Вчеравечер, македонската пејачка Тамара Волческа го промовираше своето ново музичко парче, односно песна која го носи насловот „Херој“, поткрепена и со видеозапис. Истиот е снимен на неколку локации, а направен е под режисерската палка на Ивона Јо, која е нејзина најголема поддршка.
Во видео записот ја гледаме Тамара во едно ново руво, односно различна од се она што досега сме навикнале од неа. „Херој“ е брза и енергична песна која ја враќа надежта во едноставните дела кои внесуваат задоволство и оптимизам во животот. Херојот е Тамара која се обидува да се спаси сама себе во периоди кога била мала и незаштитена. Пораката на овој проект е сите ние да бидеме свои херои и сами да го пронајдеме патот до нашиот успех, како што токму тоа го прави Тамара на крајот од видеото, каде што си дава аплауз сама на себе.
Текстот е напишан буквално во еден здив, а зад истиот се потпишува Тамара, која полека но сигурно станува име меѓу текстописците на македонската музичка сцена. Музиката е на Дамир Пух и Наташа Миха кои се главните потписници на „Херој“ и кои ја донесоа оваа песна до нејзината финална верзија во Green Room Sound Studio.
Модната стилистка Ива Спасовска, како и Афтентика се погрижија за стајлингот на Тамара во видеото. Овој музички проект на Тамара докажува дека со многу труд и напорна работа, може да се биде успешен во реализирање на целите во кои на крај сте сами свој „Херој“.