Живот и стил

Јапонците направија клима-уред кој се „носи“: Mоже и да лади и да грее

Јапонците направија клима-уред кој се „носи“: Mоже и да лади и да грее

Европа ова лето се соочи со екстремни топлотни бранови, со рекордно високи температури и долготрајни суши. Во такви услови расте интересот за уреди кои можат да го разладат човекот и кога тој не се наоѓа во климатизиран простор.

Во последните петнаесетина години особено се развија малите носливи уреди за ладење. Во Јапонија уште во 2010 година започна масовното производство на работни јакни со вградени вентилатори, додека „Сони“ во 2020 година ја претстави првата генерација на уредот Reon Pocket.

Станува збор за личен уред за ладење кој се носи околу вратот и активно го разладува телото, наместо само да дува воздух. Првите верзии имаа одредени ограничувања, пред сè краткото траење на батеријата и потребата од специјална поткошулa со џеб на грбот. Во меѓувреме, „Сони“ го унапреди уредот и ја претстави петтата генерација, Reon Pocket Pro Plus, кој може да лади, но и да грее, пренесува N1.

Уредот функционира со помош на метална плочка од нерѓосувачки челик која се поставува на задниот дел од вратот. Го користи Пелтиеовиот ефект за брзо менување на температурата и не користи вода, фреон или други разладни гасови.

Според производителот, ладењето е за околу 20 отсто поефикасно во однос на претходните верзии, а температурата на контактната површина може дополнително да се намали благодарение на унапредениот алгоритам и системот за одведување на топлината.

Уредот има и сензор кој ја мери температурата и влажноста на воздухот и автоматски го приспособува начинот на работа според условите во кои се наоѓа корисникот.

Траењето на батеријата зависи од интензитетот на работа. Во автоматски режим може да работи околу 15 часа, на најсилно ниво на ладење околу 5,5 часа, додека на најниско ниво може да издржи повеќе од 30 часа.

Батеријата се полни преку USB-C кабел. До 80 отсто од капацитетот се полни за околу два часа, додека за целосно полнење се потребни околу три часа.

На најсилно ниво, уредот може да ја намали температурата на плочката за ладење за околу 10 до 13 степени во однос на моменталната температура на телото на корисникот.

„Сони“ почна да го продава новиот модел во Азија во мај 2026 година, а потоа и во САД. Продажбата во Европа е најавена дополнително. Цената онлајн се движи од 211 до 240 евра.

Во Јапонија, каде што температурите во градови како Токио, Кјото и Осака во текот на летото често надминуваат 35 степени, се очекува зголемена побарувачка за вакви уреди.

фото:ScreenShot/YouTube/ Digital Trends

To top